Македонија
Пораките меѓу Милевски и Јовановски презентирани во судот: „Сашо за еден час ќе излезе од Шутка“
Комуникација меѓу обвинетиот Бојан Јовановски и осудениот Зоран Милевски во „Рекет“ беше призентирана на денешното рочиште. Во една од пораките Милевски му пишува на Јовановски: „Кај Орце сум“, на што Јовановски возвраќа: „Па што ако си?”
„Сашо за еден час ќе излезе од Шутка”, пишува Милевски до Јовановски, а тој одговорил „Не”.
Во натамошниот тек на комуникацијата има и статуси од „Фејсбук”, кои Јовановски ги испраќа кај Милевски.
„Да не го мислите Боки 13. Чим бара сладолед за доручек ќе го биде“, пишува во статусот кој Бојан Јовановски го испратил како принтскрин кај Милевски, а објавен од Лошото Хуго.
„Ова е крајот”, му пишува Јовановски на Милевски, а тој одговара „Ана е заузета цело време”, а потоа Милевски повторно „Избришано”.
„Зошто ја домкна жена му овој урочениов. Катастрофа“, му пишал Јовановски на Милевски.
Во текот на комуникацијата, Милески и Јованоски си разменувале пораки од часовници, кои, пак, Јовановски ги споменува во комуникација со извесен „Петар” со кого разговарал за нарачка на истите.
На 12.02.2019 Јовановски испратил фотографија до Милевски од „Тиме.мк“, со вест „СЈО ја руши империјата на Камчев“. На 18.02.2019 имало комуникација меѓу Јовановски и Камчев: „Утре да пројдеш кога ти одговара да пиеме кафе”, на што добива одговор „Важи”.
На 20 февруари 2019, Јовановски му пишал на Милевски: „???, барај ме, хитно”, а добива одговор: „Тука сум, да се облечам“.
„Во однос на вештачењето на мојата ‘ватсап’ со Зоран Милевски, барам да ми бидат доставени сите комуникации. Овде гледаме сензационалистички пораки, нема ништо суштински во нив. Ние ги немаме доказите со комуникациите со Зоран Милевски“, рече Јовановски на судењето по презентирањето на пораките со осудениот Милески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Костадинова Стојчевска: Македонскиот јазик не се чува со кратење на буџетот за инспекторатот
Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во образложението на амандманот за зголемување на буџетот за инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, пред собраниската комисија за финансирање и буџет, истакна дека со предложениот буџет се оневозможува функционирање на инспекторатот.
Во буџетот за 2026 година средствата во однос на буџетот од 2025 година се намалени на 620.000 денари, што практично го намалува функционирањето на инспекторатот, рече Костадиновска Стојчевска и побара буџетот за оваа институција да се врати на износот од 2.033.000 денари, колку што изнесуваше во буџетот за 2025 година.
-Со намалениот износ не е можно да се обезбеди вработување на потребниот број инспектори и административен кадар, извршување на редовни активности на терен, опремување и тековно функционирање на институцијата, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е нова институција, основана врз основа на законот за употреба на македонскиот јазик, чија цел е да го следи спроведувањето на законските обврски во инситутциите, образованието, културата и јавниот простор.
Костадиновска Стојчевска побара поддршка од сите пратеници за овој амандман.
„Барам поддршка за оваа институција да може конечно, откако е формирана во 2024, да профункционира, затоа што откако е воспоставена, нејзиниот буџет само се крати, а со тоа не се покажува вистинска грижа за зачувување, унапредување на македонскиот јазик“, нагласи пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Муртезани во ЕП: Нашиот долг евроинтегративен пат, често надвор од Копенхашките критериуми, не ја поколеба нашата визија за полноправно членство
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.

