Економија
Стратегијата за реформа на даночниот систем презентирана пред бизнис, невладината и експертската заедница
Поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност во наплатата на приходите, висока даночна транспарентност, подобрување на квалитетот на услугите и воведување зелено оданочување, се приоритетите во Стратегијата за реформа на даночниот систем 2020-2023, која денеска беше презентирана и дискутирана со бизнис-заедницата, невладините организации и експертската јавност. На презентацијата на Стратегијата присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека во време на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи, либерализацијата на протокот на стоки и капитал и напредокот во информатичката и комуникациската технологија, бараат конкретна стратегија врз основа на која ќе се подготвуваат конкретни мерки за дејствување.
„Главна цел на стратегијата е да обезбеди даночните власти во Република Северна Македонија да се однесуваат на ефикасен, координиран и ефективен начин кон постигнување заедничка цел – инклузивен и одржлив економски раст. Стратегијата ќе ги адресира проблемите како сивата економија, економската нееднаквост, тешкотиите во собирањето јавни приходи, софистицираните техники за избегнување данок, затајување данок, како и зголемувањето на ризиците врз животната средина“, рече Ангеловска.
Стратегијата, за чија подготовка поддршка дала и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и од Министерството за финансии на Кралството Холандија содржи пет приоритети.
Првиот приоритет е праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Вториот е поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, намалување на заостанатите даночни обврски и спроведување регистар на вистински сопственици. Третиот приритет е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги, што ќе доведе до зголемена фискална писменост и поголема доброволна усогласеност. Четврт приоритет е подобар квалитет на услугите, на начин кој ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар, преку сè повеќе дигитални услуги, подобро управување со издавањето на увозно-извозни дозволи, елиминирање на непотребните нетарифни бариери и подобра внатрешна и даночна контрола. Петиот приоритет е воведување зелено оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници преку давачките да придонесат за помало, односно да се дестимулуираат да загадуваат.
Врз основа на стратегијата се предвидува секоја година да се прават акциски планови со конкретни мерки за дејствување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

