Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е лицемерна, во нејзино време се затворија над 10.000 фирми

ВМРО-ДПМНЕ е лицемерна, во нејзино време се затворија над 10.000 фирми, а денес работат против повисоки плати и нови работни места, реагираат од СДСМ на обвинувањата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев,дека, како што рече, криминално-рекетарската банда на власт на Заев и СДСМ е махер само во една работа – за затворање фабрики.
„Ништо ново од белиот дворец. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно потврдува дека нема што да им понуди на граѓаните, освен обнова на режимот и криминалот. Токму за времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски беа затворени над 10.000 фирми, а приватниот сектор постојано беше под притисок од драконски казни и новоизмислени давачки. И додека домашните компании едвај преживуваа, Груевски во државава носеше лажни странски инвеститори од типот на сомнителните Субрата Рој и Моше Баум, со кои се направи дополнителна штета врз граѓаните и буџетот на Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата.
Денес, додаваат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски само го продолжуваат патот што им го трасира Никола Груевски, на нивното лицемерство и лажна загриженост им нема крај.
„Токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата кочничар што беше против носењето на новите законски решенија за повисока минимална плата, раст на платите и пензиите, а како последно и е кочењето на растот на платите во високото образование за 10 отсто, што ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира во Собранието. Бесмислено е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за затворање компании и да глуми загриженост за вработените во нив кога оваа партија не покажа загриженост и не презеде мерки тогаш кога требаше“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По половина час се чека на граничните премини Табановце и Богородица

На граничните премини Табановце и Богородица, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево и топло со слаб до умерен северен ветер

Утрово имаме значително свежо време речиси насекаде, а времето е ведро и сончево насекаде. Најниска температури од само 6 степени е измерена во Лазарополе. Во Скопје денес ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер.
И утре времето ќе биде претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневните температури ќе достигнат до 34 Целзиусови степени.
Македонија
Родители и блиски на жртвите во Кочани бараат Обвинителството да објасни кој е обвинет, а кој ослободен

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.
Таа истакна дека во понеделник официјално ќе испратат барање до Обвинителството, со кое ќе побараат лична средба со надлежните обвинители.
„Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, порача Петрушева.
Таа изрази загриженост што, и покрај укажувањата, одредени лица сè уште не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.
Со остар тон се обрати и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која директно го обвини газдата на „Пулс“, познат како Деко, дека во моментот на пожарот се скрил, оставајќи ги младите да се борат за живот.
„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, изјави Стојанова со солзи во очите.
Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите додека не добијат јасни и транспарентни одговори од институциите. Бараат правда, но и човечка емпатија – не правни термини и соопштенија кои, како што велат, никој од нив не ги разбира.