Македонија
СДСМ: Милошоски е очаен криминалец исплашен од законот за ЈО

Паника и нервоза владее во ВМРО-ДПМНЕ од носењето на законот за Јавно обвинителство и од тоа што не успеаја да го одбранат криминалот на Никола Груевски, возвраќа СДСМ, на аудиозаписот кој денеска пратеникот Антонијо Милошоски го пушти пред пратениците во Комисијата за европски прашања, а на кој, според него, се слуша гласот на лицето З.З. (алудирајќи на експремиерот Зоран Заев) како наводно разговара со друго лице за обвинетиот за случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13.
„Ако се толку уверени во своите лаги, итно нека поднесат сè што имаат како материјали до институциите, па низ јавни и отворени постапки да ги видиме наводните докази. Милошоски е очаен криминалец и очигледен е стравот кај него од владеење на правото и од независен судски систем што впрочем се обезбедува со носењето на ЗЈО. Милошоски е криминалец, радикал и штетен за државните интереси, познат по незаконската лустрацијата, сомнителните зделки и тајните преговори за името.
Граѓаните многу добро знаат како ВМРО-ДПМНЕ постапуваше со медиумите и новинарите. Од закани за фрлање во ендеци, апсења и затворање новинари, упади во медиуми, венци за новинари на домашни адреси, до медиумски мрак и загушени медиумски слободи. Оваа власт предводена од СДСМ ја врати слободата и има ист третман кон сите медиуми. Оваа власт не троши државни пари за да поткупува медиуми и новинари.
Зоран Заев е прв политичар кој на човек кој јавно го величал, му испратил порака дека ако го прекршил законот – ќе одговара, што впрочем се дозна и вчера на судското рочиште.
Република Северна Македонија е правна држава во која законите владеат за сите подеднакво и секој кој постапувал незаконски одговара за своите постапки. ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија, а Антонио Милошоски, Христијан Мицкоски и Никола Груевски се носители на криминалот“, се вели во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски добил 200 илјади евра од Еразмус+, наместо младите

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари од програмата Еразмус+, наменети за образовни проекти за младите, завршувале кај поединци блиски до СДСМ.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека преку Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, со која раководела Лидија Димова, биле доделени 200 илјади евра на проект на професорот Љубомир Фрчкоски.
„Димова и Зоран Заев со пари од Еразмус+ си ги плаќаа послушните и подобните кои требало да им завршат некоја работа или пак јавно да ги бранат. Покрај што со пари од агенцијата, преку Лазар Нанев, Заев си ја купуваше слободата исто така си ги плаќаше и неговите идеолози и јавни поддржувачи“ се наведува.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Еразмус+ бил користен за „плаќање судии, професори и експерти блиски до власта“ и дека тоа е уште еден пример за, како што велат, злоупотреба на институциите за партиски интереси.
Македонија
Влен: Османи 20 години гради кариера, без проекти за Чаир

Коалицијата „Влен“ го критикуваше Бујар Османи, наведувајќи дека во изминатите 20 години тој градел лична политичка кариера, но не реализирал ниту еден проект за општина Чаир.
„Дваесет години Османи е во највисоките државни функции, а ниту еден човек од Чаир не почувствува поддршка или помош од него. Денес гледаме глума и празни зборови“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека Османи не е кандидат за Чаир, туку за сопствена кариера и дека граѓаните на општината очекуваат посветеност, вистинска работа и конкретни резултати. Во реакцијата се наведува и дека младите во ДУИ се приклучуваат кон ВЛЕН, каде, како што велат, гледаат визија и перспектива.
Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.