Македонија
(Видео) Чулев: Доставивме докази дека вработени во МВР ја злоупотребиле службената положба при набавка на обрасци
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднел докази за злоупотреби од вработени во МВР со јавната набавка на обрасци за лични документи.
Издавањето на личните документи доцни и се создава метеж од декември 2019 година поради недостиг на обрасци.
Министерот Чулев вели дека вината за тоа е кај Оливер Спасовски, кој четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи. Анализите во Министерството покажале дека обрасците место со нов договор се обезбедувале по пат на анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра, со анексите се искачил на 12,8 милиони евра во кои влегла и набавка на хардвер без софтвер.
„Нашите индиции, со докази, дека одговорни лица ја злоупотребиле службената положба и овластување ги доставивме до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Доколку се потврдат, ние ќе иницираме дисциплински постапки против вработените“, рече министерот Чулев.
Тој рече дека ќе почека Обвинителството да утврди точно кои вработени кои работеле на јавната набавка ја злоупотребиле службената положба, но дека доказите се главно за комисиите кои се менувале, се откажувале членови, се назначувале нови кои ги одобрувале анексите со кои договорот постигнал речиси двојно повисока вредност од првичната. Иако вредноста била дуплирана, во анексите не бил прецизиран начинот на плаќање, не бил утрвден рокот на плаќање, ниту рокот за доставување на обрасците, немало технички спецификации за изгледот на новите документи, за службените и дипломаттските пасоши и за техничките спецификации место МВР било оставено да одлучи „Веридос’, а имало авансни исплати.
За надминување со настанатиот хаос околу издавањето на личните документи Чулев вели дека одлучиле службите за издавање лични документи во Скопје, Беко и Ѓорче Петров, до изборите да работат и во сабота и со продолжено рабтно време, односно од 7:30 часот до 21 часот.
Метежот поради доцнењето во издавањето лични карти и возачки дозволи министерот Чулев рече дека веќе се надминува, а за проблемот со пасошите најави дека детално ќе ги информира граѓаните утре.
Минатиот месец на прес-конференција Чулев рече дека обрасци за пасоши имаат до средината на февруари, а новата набавка е на 28 март. Како ќе го решаваат овој проблем, Чулев рече дека ќе соопшти утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

