Македонија
Контролори од Фондот за здравство обвинети за примање поткуп
Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца контролори во Фондот за здравствено осигурување кои од сопственик на приватна ординација побарале и зеле поткуп од 30.000 денари.
Како што информираат од Обвинителството, двајцата обвинети службеници поткупот го примиле во ресторан на булеварот Филип Втори Македонски во Скопје, на 23 декември минатата година.
Имено, од 16 до 19 декември 2019 година во здравствената установа била извршена мобилна контрола, по што бил изготвен записник во кој биле констатирани неправилности.
„По изготвувањето на записникот, една од контролорите понудила да не биде изречена санкција за болницата, а за возврат побарала парична награда – поткуп во износ од 30.000 денари. Од тој износ по 10.000 денари биле наменети за неа и за нејзиниот колега, како и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување“, информираат од Обвинителството.
Вториот обвинет контролор неколкупати телефонски го контактирал сопственикот, повторувајќи му дека треба да ја даде паричната награда за да нема последици за неговата ординација.
Во еден од телефонските разговори тој го договорил времето и местото на средбата во ресторанот за да се изврши примопредавање на побараните парични средства.
Двајцата контролори од Фондот се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело примање поткуп.
Јавниот обвинител доставил предлог до судот со кој побарал продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети поради опасност од бегство, како и можност да го повторат делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Лефков: Фани Каранфилова од „Сорос“ со над 2 милиона годишна плата не може да биде ново лице во СДС, таа е потрчко на Заев
СДС вчера со партиски Конгрес потврди дека партијата ја води Зоран Заев, преку неговиот неврохирург Венко Филипче и 40-те потрчковци, оценува Миле Лефков пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче е во сенка на Заев. Филипче беше министер за здравство, во чие време се случи катастрофата во Тетово, каде луѓе живи изгореа во модуларната болница, а тој не понесе одговорност. По тој настан секој човек со грам одговорност засекогаш ќе се повлечеше од функцијата, но не и Филипче. Истиот тој Филипче, неврохирургот на Заев, кој очигледно е опериран од срам и доблест, вчера за заменик претседател ја назначи Фани Каранфилова Пановска, поранешен претседател на Сорос Македонија. Фани Каранфилова Пановска за која неврохирургот на Заев, Филипче кажа дека ги има во себе социјалдемократските вредности во Сорос имала месечни примања од 3.400 евра. Толку треба да знаеме за социјадемократијата на Каранфилова Пановска. Според јавно достапните информации од Фондацијата Сорос Македонија за 2014-та година земала бруто во износ од 2.030,118 денари“, истакна Лефков.
Според него, тоа за кое што народот работи 5 години, Каранфилова Пановска го заработува за 1 година.
Каранфилова Пановска, како што напоменува Лефков, е дел од луѓето кои се бореа Зоран Заев да дојде на власт уште во 2017 година, преку таканаречената Шарена револуција од 2014 и 2015 година.
Лефков нагласува дека Каранфилова Пановска не е никакво ново лице на СДС, таа е дел од 40-те потрчковци на неврохиругот на Заев, Филипче.
„Со Венко Филипче и Фани Каранфилова Пановска СДС е само продолжение на партијата која ја водеше Заев, која донесе многу порази за Македонија, криминал и стагнација“, потенцира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: 1.500 пријавени пензионери на повикот за доделување еднократна парична помош
Општина Центар информира дека 1500 пензионери досега се имаат пријавено на јавниот повик за доделување еднократна парична помош во висина од 2.500 денари за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека јавниот повик којшто се имплементира трета година по ред се одвива по принципот „прв дојден – прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена.
„Еднократната финансиска поддршка ја доделуваме на граѓани кои имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Центар и кои се приматели на старосна, семејна, инвалидска, социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) чиј износ не е повисок од 23.758,00 денари. Ги повикувам сите пензионери од Општина Центар кои ги исполнуваат условите да се пријават на повикот, со паричната помош помагаме во семејните трошоци во пресрет на новогодишните празници“, истакнува Герасимовски.
Јавниот повик трае до 29 ноември, односно додека финансиските средства предвидени за оваа намена не се исцрпат.
Заинтересираните граѓани треба да достават барање за доделување финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, за корисниците на старосна, семејна или инвалидска пензија – доказ од последна примена пензија (потврда/чек издаден од Банката во која се прима пензијата – за примена пензија во последните 2 месеци, односно за септември или октомври 2024 година), а за корисници на социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) – Потврда / Решение издадено од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР-Центар).
Барањето е достапно во Архива на Општина Центар-Скопје, барака 6 и на веб страната на општината. Потребната документација може да се достави секој работен ден од 09.00 до 14.00 часот, информираат од општината
Комисијата за селекција, формирана од Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка. На пензионерите во социјален ризик што аплицирале и ги исполниле потребните критериуми, Општина Центар ќе им изготви Решение за доделување на финансиска поддршка. Исплатата ќе се изврши директно на трансакциските сметки на барателите и ќе биде реализирана до крајот на тековната година.
Македонија
Кузманоска: Социјалната заштита има најголем удел во распределбата на буџетски средства за 2025
Социјалната заштита има најголем удел во распределбата на буџетски средства за 2025, и тоа за цели 16,5 милијарди денари повеќе, во однос на 2024. Јасен индикатор дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи се грижи за најранливите граѓани, за оние на кои најмногу им е потребно, истакна Биљана Кузманоска пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се грижиме за најмладите. Со буџетот за идната година, на Министерството за социјална политика, демографија и млади, средствата за програмата „Детска заштита“ ќе им се зголеми за 17%, односно 460 милиони денари повеќе за нови проекти. Додека пак ставката 482, наречена „Други градежни објекти“ има зголемување за фрапантни 1570%. Ова значи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гради нови градинки. Ова значи дека се грижиме за семејствата. Се грижиме и за највозрасните преку проектирање на зголемена ставка за пензии од дури 16,6 проценти. Во денари, тоа е предвидено зголемување за дури 15 милијарди повеќе од годинава“, додаде таа.
Како што најави, наредната година и пензионерите ќе го добијат ветеното зголемување на пензиите во износ од 2500 денари и заедно со претходното во октомври, 338.000 пензионери ќе добијат историски највисоко покачување од вкупно 5000 денари. Со ова, според неа, минималните пензии ќе се зголемат за 36%, а просечната пензија за цели 25%.
„Се грижиме и за болните, за лицата со инвалидитет, како и за сите оние кои имаат потреба од социјална заштита, со досега рекордни средства за поддршка од државниот буџет“, нагласи пратеничката.