Македонија
Камчев во разговор со Јовановски: За љубов се потребни двајца, ти имаш интерес, јас имам интерес
Обвинетиот Бојан Јовановски во телефонски повик кон Орце Камчев му вели дека се сомнева оти некој го слуша ниниот разговор, а, пак, оштетениот Камчев тврди дека тоа не е така, бидејќи е сам и на пат и во тоа го убедува во текот на целиот разговор, вејеќи му дека ќе се слушнат подоцна.
„Почуствував дека разговорот го слуша уште некој“, вели Јовановски, а Камчев вели „Сам сум, возам кола, одам на пат, сам возам. Овие разговори не се зборат пред никого, не сум дете“.
Потоа, во снимките се слуша дискусија меѓу Јовановски и Камчев како разговараат за надлежностите врз предметите од СЈО, откако тоа ќе престане да постои.
Камчев и Јовановски се обложуваат за тоа кој ќе ги преземе надлежностите за предметите на СЈО. Камчев вели: „А надлежностите кој ќе ги преземе?“, а Јовановски одговара: „СЈО“.
Јовановски телефонира додека разговара со Камчев, а обвинителката Ивана Трајчева на рочиштето рече дека тоа е повик со обвинетата Катица Јанева.
„На гости сум кај Орце. Седиме. Да знаеш дека останува при целиот наш… Е така, ни лево, ни десно“, вели Јовановски во телефонски повик, а во позадина од повикот се слуша гласот на Катица Јанева.
По ова, Камчев го убедува Јовановски дека никој нема да знае за нивните договори, велејќи му дека двајцата имаат интерес во ова.
„Сумата и износот се договорена работа, ако двете страни се договорени. За љубов се потребни двајца, ти имаш интерес и јас имам интерес. Толку“, вели Камчев на Јовановски.
Адвокатот Сашо Дуковски по разговорот рече дека од разговорите не може да се заклучи ништо, дека станува збор за претпоставки. Бранителот Дељо Кадиев, пак, посочи дека во снимките не се слуша гласот на Катица Јанева.
Во наредна снимка која Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се слуша разговор меѓу Бојан Јовановски, Зоран Милевски, Ана Камчева и Орце Камчев.
„Од сите три опции, овие три лица за кои преговарам, договарам и ќе договорам. Прва постспка ќе е укинување на куќен притвор по основи кои ќе ви ги кажам и датуми ќе ви ги кажам. Дали во истиот момент или 10 дена подоцна, преку договори со странски компании ќе биде вратен пасошот. За сето ова ќе треба некаква гаранција“, вели Јовановски во разговорот.
„Сите патишта водат кон Сашо Мијалков, а Јордан Камчев не може да биде соработник на правдата сè додека првиот осомничен не го посочи…”, објаснува Јовановски во еден разговор со Камчев, кој продолжува со „Втората варијанта ти е за делата ќе бидеш ослободен од сомнение и обвинување, едните работи ќе ги признаеш…“
Јовановски во снимките вели дека Камчев и Камчева треба да советуваат некого да биде внимателен при давање на исказот, а се споменува и „лажен исказ“.
„Правна логика нема првоосомничениот да биде соработник на правдата. Најубаво е на државата да дадеш штета, да нема обвинение, да нема ништо“, му појаснува Јовановски на Камчев.
Разговорот е меѓу Камчев, Камчева, Јовановски, Панделевски, посочи обвинителката Ивана Трајчева. Разговорот завршува со „На крајот сите ќе бидат среќни“.
И за оваа снимка, адвокатот Дуковски, кој го застапува Јовановски, вели дека автентичноста се доведува во прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.
Македонија
Ѓорѓиевски: Доста беше мрак, време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со покана до скопјани и гостите на главниот град за како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолг период, Скопје повторно ќе пулсира во знакот на радоста и врвната музичка забава, со богата програма што ги обединува сите генерации и ја враќа празничната магија во срцето на градот, истакнуваат од Град Скопје.
„Скопје, дали сме подготвени за најдобрата забава?
Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот „Македонија“ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски.
Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Почитувани скопјани, доста беше мрак.
Време е за заедништво и за радост.
Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации.
Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува.
Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.
Се гледаме“, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

