Македонија
Јовановски до Камчев: Мајка ти и сестра ти први ќе бидат исклучени од обвинението
Бојан Јовановски во дел од снимката им објаснува на Камчев и Камчева дека сестрата и мајката на Орце први ќе бидат исклучени од одредена постапка на СЈО.
„Јас имам интерес, да не се лажеме. Друго, политички нека не те лажат. Да не бидам поконкретен, а ако треба и ќе бидам. Немој да веруваш дека тука не знам колку политички сакаат некого од вас да заштитат. Има една вистина, тенденцијата за тебе е ова втората опција, признавање и отштета. А на него, казна не му бега. Што се однесува до Ратка и до Тина, неколку аспекти има што треба да бидат прочешлани и први ќе бидат исклучени од обвинителниот акт”, вели Јовановски, а, пак, Ана Камчева прашува „А, Тодор”, на што добива одговор од Јовановски „За него немам одговор”.
„Нема казна, имаш договор. Со проценител ако има некаква штета”, вели Јовановски откако Камчев го праша „А што е казната?”.
„Извини му се сега пред сите четворица тука”, вели Камчева во снимката, откако Јовановски се жали дека некој од присутните претходно му викал.
Претходно во еден од разговорите кои се пуштаат во судницата во врска со случајот „Рекет“ се слуша Орце Камчев како се лути за брифинг од Лиле Стефанова во врска со предметот „Империја“.
„Јас те прашав дали е таа под контрола, ти рече ‘Ок ќе биде’”, му вели Камчев на Јовановски, на што тој одговара:
„Ова е ПР на Лиле Стефанова. Не го знам точниот мотив за Лиле Стефснова да излезе пред новинарите и да говори за ‘Империја’. Дека предметот има сведоци и заштитени сведоци, тоа можам да го тврдам пред вас”, на што Камчев вели: „Какви се тоа заштитени сведоци, измишљотини. Тоа не е на татко ѝ од Радовиш“.
Бизнисменот исто така нагласува дека целта на обвинителката Стефанова му е нејасна.
„Јас ти гарантирам дека нема криминал, дека доказите нејзини се за во Радовиш. Каде е државата оштетена? Нема затајување данок, нема ништо. Нејзината цел ми е нејасна. Ако треба да лежам затвор, ќе лежам ако сме погрешиле и тоа е“, вели Камчев.
На ова Јовановски вели: „Сега ви кажав отворено дека начини постојат и дека за овој последен чин од претставата ‘Империја’ со тебе имам една улога и дека со него ќе имам друга. За тоа има услови“, одговара Јовановски и бара Камчев да не потпаѓа под манипулации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.

