Македонија
Милески до Јовановски: На Орце ова му се најтешки моменти во животот, мислам дека ќе си ги минимизира пријателите
Во вториот фајл од разговорите, кои осудениот Зоран Милески ги доставил до Обвинителството поврзани со случајот „Рекет“, се слушаат муабети меѓу него и обвинетиот Бојан Јовановски.
Милески во улога на посредник му пренсува на Јовановски што разговарал со Ана и Орце Камчеви посочувајќи дека тој нема никаков интерес од тоа. Тие разговараат и за излегувањето на Орце Камчев од притвор. За овие материјали, обвинетата Катица Јанева рече дека ќе покажат кој манипулирал, кој е манипулиран и кој нудел поткуп.
Разговорот почнува кога Милески се среќава со Јовановски, кој му вика: „Што ти е бе, што си како урочен?“, а осудениот се жали на здравствената состојба. По ова, почнува дискусијата поврзана со Камчеви, каде што Милески му вели на Јовановски: „Има нешто што треба да кажам кај Ана или нема?“
Јовановски му објаснува на Милески за, како што вели, кризен ПР, по што додава: „Од медиумите почнува сè, и добри и лоши работи“, потенцирајќи дека постои и друг план.
„Можеш да зборуваш и директно со Ана. Тоа е работата. Јас ти кажувам што ми пренесе Ана“, му вели Милески на Јовановски.
Во потнатамошниот тек од разговорот Милески му вели на Јованвоски дека ќе му цитира што му е кажано, a во дел стои: „За возврст барам да излезам надвор. Дали може или не може, Боки?“ По ова, Милески му вели на Јованвоски дека ќе ѝ пренесе на Ана за идејата со кризен ПР.
„Ќе напраам сè, а тој нека покаже дали ќе ме испочитува или не. Јас не барам ништо“, му вели Јованвоски на Милески, кој потоа му дава одоговор: „Тоа ќе разговарате со него, јас само пренесувам што ми е кажано“.
„Јас да ти кажам нешто, ти многу добро знаеш дека јас немам никаков интерес. Јас немам интерес да кажам ‘да’ ниту за старски домови ниту за трговските центри. Тоа зависи од многу работи. Ти викаш ‘му ги штитиш парите’, ако гледаш така, и тебе ти ги штитам парите“, му вели Милески на Јовановски.
Во понатамошниот тек на симката Милески му кажува на Јовановски што му кажал Камчев за идеите што му биле предлагани.
„Ме викна и ми вика: ‘вака и вака, Боки ми нудеше да правиме хангар’. Јас му реков – каков хангар, тој вика хангар во кој ќе имало телевизија, ресторани, едно, друго. Ми вика: „јас не знам што хангар да правам“. Јас му реков дека хангари не би праел и дека не ми е својствено тој да прави хангари. Јас му реков дека подобро да си плаќа лиценци за ресторани, ќе го донесеме ‘Сушико’ и други…“, вели Милески цитирајќи што разговарал со Камчев, па додава: „Ни едниот ни другиот не ми кажавте дека има било каков проблем. Вие двајца сте се договарале, тебе ти рекол Орце да не кажуваш и ти, нормално, не кажуваш“.
„Јас знам дека на крајот тоа ќе го сфати како бизнис-понуда“, вели Јовановски, а Милески додава: „Тој ѝ рекол на Ана дека бркал бизнис“.
Јовановски му кажува на Милески дека ситуацијата е многу покомплицирана од што е претставена по што му укажува со „истрагата ќе биде проширена, тоа сум сигурен“.
„Во меѓувреме, поради целава состојба, јас ти кажувам дека јас ќе преземам мерки и активности, ќе видиме што сум направил и што можеме да очекуваме. Ситуацијата е многу покомплицирана од тоа што е претставена на тие три разговори, посериозна од тоа што некој ја доживува. Истрагата ќе биде проширена, тоа сум сигурен“, му вели Јовановски на Милески.
Милески му кажува дека многу луѓе го сметаат за џелат и оти мислат дека ништо не го погодува, па додава: „Мене најмногу ме погаѓаат такви работи“.
„Ако сака Ана да му пренесе на Орце, да правиме кризен штаб“, вели Милески по што продолжува: „На Орце ова му се најтешки моменти во животот. Мислам дека ќе си ги минимизира пријателите, ќе сфати кој го цица, кој се…“
„Јас ќе го направам про боно ако тој мене ме испочитува подоцна“, му вели Јовановски на Милески.
„Ако му помогнеме на Орце да излезе, ако му помогнеш да излезе, буквално ме имаш мене“, му вели Милески на Јованоски, а тој му возвраќа да не го условува, а Милески, пак, додава: „Боки бе, тоа не не е условување, ќе сфатиш“.
Другите разговори ќе бидат изведени на наредното рочиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова состојба по обилните врнежи: Поплавени подруми и куќи во Охрид, Кичево, Битола, Тетово и Гостивар
Центарот за управување со кризи ја објави новата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд во земјава.
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
Македонија
Патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила
Од 11.00 часот патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила, информира АМСМ.
Од таму најавија дека денеска граничниот премин Богородица, односно ГП Евзони од 17 часот ќе биде затворен за сите видови на возила.
„Поради протест на грчките земјоделци, од денес 08.01.2026 г. со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 г. во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

