Свет
Калифорнија поништува 85.000 судски пресуди за марихуана
Повеќе од 85.000 пресуди за помали престапи поврзани со употреба на марихуана автоматски ќе бидат избришани од судските записи благодарение на нова компјутерска програма која почна да се користи во Калифорнија, каде продажбата и употребата на марихуана за рекреативни цели е легализирана во 2018 година.
„Оваа мерка ќе донесе олеснување за корисниците кои претрпеа големи неправди од нашите закони во оваа област“, рече Џеки Лејси, јавна обвинителка во округот Лос Анџелес, каде ќе се избришат 66.000 пресуди.
Од 53.000 лица опфатени со мерката во округот Лос Анџелес, 32 проценти се црнци, 45 проценти се „латиноси“, а 20 проценти се белци, соопшти канцеларијата на јавниот правобранител, а пренесува „Индекс.хр“.
Овие пресуди, од кои некои биле изречени уште во 1961 година, честопати се пречки за луѓето да најдат работа или домување.
„Оваа технологија може за неколку секунди да утврди кои случаи се соодветни за примена на мерката и на тој начин да му помогне на персоналот да не мора да го проучува секој запис во архивата“, се пофалија калифорниските служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“
Свет
Зеленски ќе ја посети Канада на пат кон Флорида
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на пат кон Флорида, каде што ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, ќе ја посети и Канада, каде што ќе разговара со премиерот на земјата, Марк Карни.
Како што објави Укринформ, Зеленски им изјавил на новинарите дека за време на неговиот престој во Канада е планирана и онлајн комуникација со европските лидери.
Според него, разговорите ќе ги опфатат сите релевантни прашања, вклучително и деталите за документите што ќе ги разговара со американскиот претседател. Зеленски рече дека ќе се разговара и за „чувствителни прашања“.
Укринформ претходно објави дека Зеленски разговарал со германскиот канцелар Фридрих Мерц за подготовките за претстојната средба со Трамп. Тој исто така рече дека мисли дека неговиот состанок со Трамп ќе биде пред камери и медиуми.
„Мислам дека нашиот состанок ќе биде пред камери и медиуми. Не знам дали на почетокот или на крајот, но тоа ќе биде јавен состанок“, рече украинскиот претседател.

