Македонија
Реновирани блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, заедно со министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и со директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, направија увид во завршените работи за реновирање на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Во овој студентски дом е завршено реновирањето и комплетно се уредени студентските соби со капацитет за 600 студенти, во кои се вградени нови тоалети, поставени системи за видеонадзор и за превенирање од пожари, а во завршна фаза се активностите за целосно уредување на дворот. Се поставуваат нови клупи, осветлување, високо и ниско зеленило, паркинзи за велосипеди, рампи за контрола на влез и излез и е обезбеден пристап за специјални возила.


„Владата предводена од СДСМ и од коалицијата уште на стартот на својот мандат во 2017 година почна сериозни и системски инвестиции за подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард и за овозможување подобри услови за студентите, за нивното секојдневие во студентските домови. Младите, учениците и студентите, се иднината на државата и затоа е потребно постојано да се вложува во нив. Најодговорно презедовме темелни иницијативи во таа насока и продолжуваме со мерките кои значат подобри услови, повисок стандард, односно подобар живот за сите млади во нашата земја“, истакна Спасовски во изјавата за медиумите.
Премиерот соопшти дека покрај комплетираното реновирање на блоковите В и Г во „Гоце Делчев“, се работи и на големото реновирање на зградите 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“, како и на уредувањето на заедничките простории за обуки и дружење на студентите во „Кузман“.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, нагласи дека Владата води континуирана грижа за унапредување на студентскиот стандард.
Директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, потенцираше дека во пакетот промени за подобар студентски стандард и за пресврт на квалитетот на студентското живеење значајни и квалитетни промени се направени во исхраната во студентските ресторани.
Во таа насока е и новото законско решение за субвенциониран оброк за сите редовни студенти кои се на додипломски студии на државните, но и на приватните универзитети во нашата држава.
Субвенцијата изнесува 2.400 денари месечно или 120 ден. дневно и ќе биде на товар на државниот буџет, а ќе се исплаќа на давателите на услуги во рестораните кои што услужиле студент.
Во изјавите за медиумите беше нагласено дека Владата и Министерството за образование и наука остануваат фокусирани на политиките за поддршка и за подобар стандард на младите и студентите, за создавање услови да се образуваат во земјата и да ги препознаат и прифатат можностите за да го дадат својот придонес за развојот и напредокот на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

