Македонија
Јавноста нема да слушне дел од разговорите меѓу Милески и Јовановски под образложение дека се сензитивни

Јавноста е исклучена од денешното рочиште за „Рекет“, додека во судницата зе слуша нов разговор, кој според обвинителката Вилма Русковска е сензитивен.
Судијката Васка Николовска-Масевска одлучи да го уважи барањето, потенцирајќи дека судот се грижи за приватноста на сите странки во постапката. Станува збор за материјал кој го доставил осудениот Зоран Милески-Кичеец до Обвинителството, а е разговор меѓу него и обвинетиот Бојан Јовановски. Снимките траат два часа.
„Со оглед дека може да се изнесат детали од приватниот живот на лица, ја исклучуваме јавноста“, рече судијката.
На одлуката да се исклучи јавноста вчера реагираа обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, кои, пак, бараа разговорите да ги чујат сите.
На вчерашното судење Јанева рече дека од овие снимки ќе се види кој манипулирал, кој бил изманипулиран и кој давал поткуп. Јовановски, пак, кажа дека сака да се отвори Пандорината кутија, со тоа што, иако има приватни и сензитивни елементи во разговорот меѓу него и Милески, сака јавноста да го чуе.
Од снимките на Милески останаа уште два фајла кои ќе бидат слушнати на другите рочишта кога ќе има дополнување на доказната постапка. Од тие разговори, Јанева потенцираше дека ќе се види поткупот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Османи: Прво ставивте нож во македонскиот идентитет, а сега дрско сакате да држите лекции за наводен патриотизам

Бујар Османи, министерот кој го прифати францускиот предлог без да трепне, кој го претвори Министерството за надворешни работи во огранок на бугарското МНР и кој ги жртвуваше македонскиот идентитет, јазик и историја за фотосесија со европски бирократи, сега се јавува со патетични морални лекции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе беше смешно, ако не беше трагично.
Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување.
Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ.
Тој кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот.
Тој што направи параван од „европски вредности“ за да протне асимилација под европско знаме.
Ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели тоа беше ДУИ и Османи, кои држеа говори во кои повикуваа на „света борба за двојазичност”, но како безобразен параван за корупција, кражби и ограбување на сите граѓани: и Македонци, и Албанци, и Турци, Роми Срби, Власи, Бошњаци и останати.
Османи денес зборува за „популизам“ откако целата негова кариера е изградена на клиентелизам, поделби и трговија со националните интереси. И ни збор за тоа што токму тој беше прв што прифати Бугарите да бидат ставени во Уставот, без никаква гаранција за македонскиот народ.
Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат.
Граѓаните не ја заборавија шверцерската ноќ на 16 јули.
Не ја заборавија тишината со која дозволи да се гази врз сè македонско.
Не заборавија дека твојата „дипломатија“ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење.
Затоа, Османи, подобро молчи.
Историјата ќе те памети како министерот кој го прифати условот македонскиот народ да стане „производ на Коминтерната“. А народот ќе ти го врати со истиот јазик кој најдобро го разбираш“, пишува во соопштението.