Македонија
Заев во посета на Тиквешкиот Регион: Низ конкретни мерки се грижиме за лозарите
Претседателот на СДСМ заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски денеска е во посета на Тиквешкиот Регион. Во рамки на агендата, Заев и Николовски беа во посета на винарницата „Тиквеш“ каде се сретнаа со лозари и производителите на вино од овој регион.
„Денеска, на празникот Свети Трифун сме во посета на Тиквешкиот Регион препознатлив по лозарството и производството на вино, кои се далеку прочуени како висококвалитетни производи. Во разговорите со лозарите и производителите на вино заеднички се согласивме дека има простор за уште поголема поддршка и помош кон оваа земјоделска гранка која е и тоа како значајна за нашето стопанство. Во изминатите две и пол години како централна и локална власт покажавме што значи вистинска грижа за земјоделците, вклучително и лозарите“, рече Заев.
Тој нагласи дека во Тиквешијата државата презела обврска и го реши долгогодишниот проблем со предаденото а неплатено грозје во приватните винарници. Денес долгот кон овие лозари е исплатен. Се исплатија над 1,2 милиони евра кон над 2.000 лозари од овој регион, рече Заев.
„Со измените на Законот за вино се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарници и на физичките лица производители на вино, што е тековен тренд во светски рамки и влијае позитивно на развојот на винскиот и руралниот туризам. Сите измени се во насока на остварување поголеми приходи за визбите и за лозарите, но и поголем извоз на вино и девизен прилив. Преку низа реални мерки и политики сериозно вложувавме во земјоделството и тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина“, нагласи првиот човек на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати
СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати, помалку жртви, помалку повредени, а повеќе безбедност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче се против безбеден град, против заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, против намалувањето на повредени и човечки жртви во сообраќајот. СДС се против и покрај фактите и бројките за помалку жртви и помалку повредени, СДС се против се што е добро ако не е од нив. СДС додека беа на власт 8 години ништо не направија за да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги заштитат граѓаните. Зошто СДС и Оливер Спасовски цели 8 години не усогласиле ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. За разлика од СДС изминатите неколку недели Министерството за внатрешни работи усогласи околу 11 акти со Агенцијата за заштита на личните податоци“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека целта на „Безбеден град“ е да ја зголеми безбедносната култура на граѓаните, целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки живот, да имаме колку што е можно помалку сообраќајни прекршоци, помалку повредени и колку што е можно помалку човечки жртви.
„На почетокот безбеден град детектира над 100.000 прекршоци дневно, а сега имаме драстично помалку сообраќајни прекршоци дневно. Со безбеден град успеаја бројот на починати, како последица на непочитување сообраќајни правила, на територија на СВР Скопје да го намалат од 11 споредено со декември и јануари минатата година на 2 смртни случи во декември 2025 и јануари 2026 година, заклучно со 20 јануари. Бројот на повредени лица, како последица на непочитување на сообраќајни правила, споредено за овие 50-тина дена со крајот на 2025 со почеток на 2026 година и крај на 2024 со почеток на 2025 година за истите месеци декември и јануари е намален за 35 отсто. Имаме за 35 отсто помалку повредени лица на територија на СВР Скопје компарирано со претходните два месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2026 година, со цел унапредување и збогатување на локалната културна сцена.
„Општина Центар е препознатлива по својата автентична културна понуда, по креативните идеи и уметничките изрази што го оживуваат јавниот простор. Ги повикувам сите уметници, здруженија и организации од областа на културата да се пријават на конкурсот и да бидат дел од центарската приказна“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Приоритет имаат проекти што ја промовираат современата уметност, вклучуваат различни возрасни групи и афирмираат млади професионалци.
Предложените проекти треба да бидат од областа на изведбените, музичките и визуелните уметности, уметноста на новите медиуми, издавачката и библиотечната дејност, како и промоција на културното наследство.
Пријавите со целокупната документација може да се достават по пошта на адреса Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности, Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9 до 15 часот.
Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавувањето на конкурсот на општинската веб-страница.
Повеќе информации на:Јавни повици | Општина Центар
Македонија
„Вреди“: „Безбеден град“ е закон за живот, а не за казни
Системот “Безбеден град“ е прашање на јавна безбедност, на заштита на животите на граѓаните и на воспоставување ред во сообраќајот. Кога зборуваме за “Безбеден град“, не зборуваме за камери или казни, туку за човечки животи, велат од „Вреди“
„За побезбедни патишта, каде што никој не го губи својот татко, син или сестра поради туѓа неодговорност. За „Вреди“, човечкиот живот нема цена и не може да се релативизира со политички пресметки или дневни интереси. Затоа, законот за имплементација на системот „Безбеден град“ сега влегува во собраниска процедура, како неопходен чекор кон зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на граѓаните.
Во исто време, сакаме јасно да нагласиме дека секој акт што ќе го издаде Министерството за внатрешни работи, без оглед на начинот на поднесување, ќе биде подготвен и доставен на јазикот утврден со Законот и Уставот, гарантирајќи целосно почитување на јазичните права на граѓаните, вклучително и на албанскиот јазик“.
„Вреди“ ги повикува народните пратеници да го видат овој закон надвор од дневната политика и да гласаат за граѓаните, за нивната безбедност и за животот, бидејќи, како што велат, безбедните патишта се заедничка одговорност и општ општествен интерес.

