Македонија
Рангелова: Сите што се дел од случаи како обвинети лица, да не зборуваат за законот за ЈО
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, од собраниската говорница им се обрати на сите пратеници, а особено на своите колеги од партијата, од каде што им порача дека сите што се дел од случаи како обвинети лица, дел од предистражна или истражна постапка која била водена од ОЈО или СЈО, да не влегуваат во расправа за законот и да не се јавуваат за збор на пленарната седница. И таа самата рече дека нема да го каже своето мислење за предлог-текстот на законот за ЈО, иако е обвинета во случај на СЈО.
„Јас денес нема да зборувам за законот бидејќи сметам дека како пратеник што е инволвиран во случај од СЈО не би требало, додека нема завршница на мојот случај, да зборувам за овој закон. Ова го зборувам бидејќи сметам дека е принципиелно оние што се инволвирани во некакви случаи да не учествуваат ниту во приговори ниту во изјаснување за овој закон. Прво, бидејќи сметам дека ние како луѓе, кои сме дел од предмети, имаме пресумција на невиност, но секогаш може да се каже меѓу граѓаните дека имаме конфликт на интереси. Нормално е кога сме засегнати, да не говориме. Имам свое мислење за законот, кога ќе дојде време, ќе го кажам. Можам да зборувам како паталец, а не како гаталец. Би сакала да има добро законско решение за утре да не може некој да го злоупотреби овој закон, да нема правни слабости, да завладее правото во нашата држава, за граѓаните да чувствуваат правна сигурност“, рече Рангелова од собраниската говорница.
Таа им порача на пратениците од своите редови личните работи да ги остават за дома, а во пленарната сала да дискутираат за предлог-текстот на законот за ЈО.
„Жал ми е што гледам дека колеги од ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали се независни или пратеници од оваа пратеничка група, учествуваат во едно самоуништување на партијата. Би сакала ова да престане веднаш. Имаме за што да зборуваме, а тоа е законот. Личните работи да ги оставиме за дома. Затоа, ќе кажам – сите што се засегнати во случаи, дали се обвинети, во истражна или предистражна постапка, да не влегуваат во расправа за овој закон бидејќи граѓаните ќе кажат дека го зборуваат тоа пристрасно“, додаде Рангелова.
Пред неа од собраниската говорница зборуваше нејзиниот колега Илија Димовски, кој е обвинет во случајот „Талир“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.
Македонија
„Зелен хуман град“: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерирало загадувачи
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи информациите за емисии и согорување да се кријат под изговор на „деловна тајна“.
Во соопштението се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што велат, злодело, признало друго – дека со години дозволувало загадувањето да се третира како деловна тајна, иако, според иницијативата, не постои законска основа загадувањето или штетата по животната средина и здравјето да бидат класифицирани на таков начин.
Од „Зелен хуман град“ посочуваат дека Министерството тврди оти постоеле закони и подзаконски акти што ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување, но прашуваат кои се тие акти и каде се, наведувајќи дека, освен Законот за тутун, не постои друг пропис во кој загадувањето може да се смета за деловна тајна.
Според иницијативата, додека институциите ја насочувале вината кон домаќинствата како најголеми загадувачи, со најновите изјави излегло дека со децении се прикривал еколошки криминал на штета на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Зелен хуман град“ бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето, да утврди кој, кога и по чија наредба дозволил информациите да се кријат од јавноста и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани.
Иницијативата бара и целосна јавност на сите податоци за емисии, без исклучоци, посочувајќи дека правото на здрав живот е загарантирано со Уставот.
Фото: pexels

