Македонија
Арсовски: Заев брза со законот за ЈО за да не може скандалозните аудио бомби да се користат против него на суд

Зоран Заев брза да донесе Закон за јавно обвинителство за да не може скандалозните аудио бомби да се користат против него на суд, тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според Арсовски, во Собранието се слушнал гласот на Заев како јасно и гласно кажува дека знаел за матните зделки на Боки 13.
„Заев знаел за изнудата на милиони од бизнисмени со кои се финансирала неговата телевизија, за криминалот со Меѓународниот Сојуз, но и за скандалозната изјава дека тој и функционери на СДСМ му помагале во обезбедување на пари за наводно рекламирање, далеку пред да се обзнани аферата рекет“, рече Арсовски.
Арсовски побара од обвинителката Вилма Русковска и Љубомир Јовески да ја прошират истрагата за милионскиот рекет.
„Веќе се наѕира главата на криминалниот октопод, и сите веќе знаат дека таа се наоѓа на Илинденска ББ. Заев не само што знаел за криминалот, туку има сериозни индиции дека и свесно го помагал, а јавното обвинителство се уште молчи. Затоа се вели еднаш пазарџија-секогаш пазарџија, без разлика дали се работи за пиперки, бостан и патлиџани, или краставици или право, правда и национални интереси. Пазарџијата Заев сега распродава се за некој ситен бенефит плус, пред да му се затвори тезгата и да одговара кривично“, рече Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека на 12 април ќе следи одговорот и казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делегација на Царинската управа во посета на Србија: олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ

Соработката меѓу македонската и српската царинска служба продолжува со конкретни резултати и нови договори за унапредување на заедничкото работење. Во оваа насока се одржа билатерална средба помеѓу директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски и директорот на Царината на Србија Драгиша Петровиќ, заедно со делегации од највисокото раководство од двете страни, информираат од Царинската управа.
На денешната средба во Белград беа потврдени придобивките од досегашните активности – заедничките контроли со едно запирање на граница, взаемното признавање на овластените економски оператори, размената на податоци, како и меѓусебното признавање на белешките од мерење на товарните возила.
Ваквите билатерални средби претставуваат важна алатка за градење стабилни и долгорочни партнерства, како и можност за договор на нови чекори за забрзување на движењето на стоки и побрзи процедури на граница во насока на зголемување на конкурентноста на економиите на двете држави.
Во текот на дискусијата, двете страни се согласија за продлабочување на соработката при имплементацијата на новите царински ИТ системи, како обврска за напредок во процесот на европска интеграција; воспоставување на контакт точки со цел побрза и поефективна размена на оперативни и разузнавачки информации во реално време; дополнително олеснување на царинските постапки во согласност со Акциониот план за Заеднички регионален пазар и постапките во рамки на договорот за контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце како и соработка во организирање на заеднички обуки, работилници и консултативни состаноци.
„Нашата цел е јасна – олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ“, истакна директорот Николовски.
Директорот на Царинската управа на Србија, Драгиша Петровиќ, се согласи дека понатамошната соработка помеѓу двете институции ќе придонесе за целокупен напредок на двете држави и регионот.
Македонија
(Видео) „Вардариште и Дрисла – симболи на распадот во системот за отпад, а ВМРО-ДПМНЕ без решение“, вели Шукова

„По Вардариште, пожарот на Дрисла ги докрајчи жителите на Скопје. Ова е најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот. Четири години немаат никакво системско решение за управување со отпадот, додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. Наместо конкретни мерки, добивме само популизам и празни ветувања“, рече Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.
„Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали, паркови на контаминирано земјиште за евтини партиски поени. Но, град не се води со флоскули.
Орце Ѓорѓиевски веќе со денови се крие и одбегнува соочување со граѓаните. Дали навистина мисли дека може да управува со Скопје со нереални ветувања? Проекти како „парк на Вардариште“ се класичен пример за краткорочен популизам, кој не допира до суштината на проблемот.
Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши.
Мојот план е јасен. СДСМ има конкретно и одржливо решение за Вардариште и за управувањето со отпадот во Скопје:
Итно оградување и заштита на просторот на Вардариште, со контролиран пристап исклучиво за службите на комунална хигиена.
Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари и вандализам.
На среден и долг рок: изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од систем за целосно управување со отпад – од собирање, преку селекција, до финално депонирање во Дрисла.
Безбедноста, деконтаминацијата и изградбата на модерен систем се клучни за долгорочно решение.
Го повикувам уште еднаш Орце Ѓорѓиевски на јавно соочување. Ајде да им покажеме на скопјани кој има реална визија и план. Овој проблем не бара популизам – туку одговорност и работа. Здравјето на граѓаните мора да биде приоритет број еден“, изјави Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.
Македонија
23 нови мотоцикли и опрема за сообраќајната полиција, Тошковски најави зајакнување на капацитетите за безбедност во сообраќајот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски денес присуствуваа на предавање на опрема од РСБСП на МВР. Опремата се состои од 23 мотоцикли „Piggio“ со 310 cm3 моќност, во полициска изведба и 23 комплети возачка опрема која се состои од одела, кациги, ракавици и чизми.
„Со денешниот настан ја истакнуваме нашата досегашна успешна соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – партнерство кое континуирано придонесува за подигање на нивото на сообраќајна безбедност. Ваквиот пристап е доказ дека заедништвото и координацијата меѓу институциите носат конкретни резултати за граѓаните, во овој случај за подобрување на безбедноста на патиштата.“, потенцираше министерот Тошковски.
„Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Опремата се состои од 23 мотоцикли во полициска изведба со комплетна мотоциклистичка опрема (одела, чизми, ракавици и кацига) во вкупна вредност од 11.950.027 денари со што значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање и безбедност во сообраќајот. Овој пример уште еднаш ја докажува вредноста на меѓуинституционалната соработка.“, истакна претседателот на РСБСП Ангеловски.
Министерот Тошковски и претседателот Ангеловски се сложија дека и во иднина ќе продолжи соработката помеѓу РСБСП и МВР на високо професионално ниво – Безбедноста во сообраќајот е наш важен приоритет.