Македонија
Пендаровски се сретна со претседателот на Латвија, премиерот на Хрватска и шефот на Баварија
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, имаше билатерални средби со претседателот на Република Латвија, Егилс Левитс, со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и со шефот на Баварската државна канцеларија и државен министер за сојузни работи, Флориан Херман.

На средбата со претседателот на Република Латвија, Егилс Левитс, претседателот Пендаровски оцени дека двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи, бележејќи позитивен тренд во развојот на соработката во повеќе сфери од општественото живеење. На средбата беа разменети мислења за состојбите во врска со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и НАТО. Изразувајќи благодарност за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Латвискиот Парламент, претседателот Пендаровски се заблагодари и за досегашната латвиска поддршка за нашата европска интеграција и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина. На средбата беше изразена подготвеност за подинамична секторска соработка, како и за постојано унапредување на договорната рамка меѓу двете земји. Соговорниците констатираа дека меѓу двете држави постои голем потенцијал за развој и зголемување на соработката во повеќе области од заеднички интерес.
На средбата со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, беше изразено задоволство од одличните и пријателски односи меѓу двете држави, коишто се без отворени прашања, како и од волјата за унапредување и интензивирање на билатералната соработка во областите од заеднички интерес, а особено во економската сфера. Претседателот Пендаровски се заблагодари и ги поздрави заложбите на Хрватска, како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, за отворање на преговори на нашата држава пред Самитот во Загреб што треба да се одржи во мај годинава. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека предлогот на новата методологија за проширување, базирана на принципите на обезбедување стабилност, мир и просперитет во регионот ќе биде усвоена во месец март на Самитот во Брисел од страна на членките на ЕУ. На средбата, Претседателот го изрази нашиот интерес за отпочнување со операционализација на Договорот за евроатлантско партнерство меѓу Владите на Северна Македонија и Хрватска. Соговорниците разменија мислења и информации и за актуелните случувања во регионот.

На средбата со шефот на Баварската државна канцеларија и државен министер за сојузни работи, Флориан Херман, беше изразено задоволство од традиционално пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и германската сојузна држава Баварија. Двајцата соговорници го реафирмираа интересот за зајакнување и продлабочување на билатералната соработката во сите области од заемен интерес, пред се во економската сфера. Во тој контекст претседателот Пендаровски ја истакна важноста на заедничката комисија на Северна Македонија – Баварија, како исклучително важна алатка за унапредување на економската соработка, за искористување на искуствата и на големиот инвестициски потенцијал на една од најпросперитетните германски сојузни држави. Во контекст на европската интеграција на Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека нашата држава во изминатиот период покажа политичка зрелост, инвестирајќи во својата европска перпектива, притоа изрази очекување дека со усвојувањето на новата методологија ќе се создадат услови за датум за почеток на пристапните преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

