Регион
Птичји грип откриен на фарма во Бугарија, сите 5.830 патки ќе бидат усмртени

Бугарската Агенција за безбедност на храната соопшти денеска дека во јужна Бугарија, во градот Раковски, во областа Пловдив се појавил вирусот птичји грип H5N8, пренесува „Бгнес“.
Сите 5.830 патки на фармата ќе бидат усмртени, информирала Агенцијата и додала дека тоа е прв случај на овој вирус во Бугарија во последните 10 години.
Околу фармата е поставено заштитно подрачје од три километри, а во него е забрането движење на домашните, дивите и други птици, како и продажба на јајца и живина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Министерот за внатрешни работи на Република Српска: Никој нема да биде уапсен

Министерот за внатрешни работи на Република Српска (РС) Синиша Каран денеска изјави дека главната задача на МУП на РС е да го заштити уставниот поредок, нагласувајќи дека никој нема да биде уапсен.
„Задачата на МУП е да го заштити уставниот поредок, неговите уставни институции, претставниците на сите институции и сите нејзини граѓани. Таа задача ќе биде исполнета до крај“, изјави Каран за Алтернативната телевизија Бања Лука (ATV).
Тој додаде дека Националното собрание на РС усвои закони, кои ја претставуваат „рамката на МУП на РС“.
„Во овие закони стои дека Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет, се противуставни институции и им е забрането да работат на територијата на РС. Ова е рамката на дејствувањето на МУП“, рече Каран.
Според него, овие институции „не можат, нема и не смеат да работат на територијата на РС“.
Никој нема да биде уапсен и сите ќе бидат заштитени“, заклучил Каран.
Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска издаде наредба за приведување на Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ, со цел да бидат сослушани поради сомнение дека сториле кривично дело „напаѓање на уставниот поредок“.
Правосудната полиција на Босна и Херцеговина издала наредба до Министерството за внатрешни работи на РС и Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина да помогнат во апсењето на Додик, Вишковиќ и Стевандиќ.
Регион
НАТО за ситуацијата во Босна и Херцеговина: Ова не е 1992 година

Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска издаде налог за приведување на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
НАТО се огласи со изјава за ситуацијата во Босна и Херцеговина нагласувајќи ја својата позиција за стабилноста на регионот.
„НАТО останува цврсто посветен на стабилноста на овој регион и на суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста на Босна и Херцеговина“. Тие повикаа на почитување на Дејтонскиот мировен договор.
„Ја поддржуваме Канцеларијата на високиот претставник, сите дејства што го поткопуваат Дејтон, уставниот поредок или националните институции се неприфатливи. Запаливите реторики и акции се опасни и претставуваат директна закана за стабилноста и безбедноста на Босна и Херцеговина“, додаваат тие.
„Генералниот секретар на НАТО ја истакна потребата политичките лидери во Босна и Херцеговина да го направат својот дел и да преземат одговорност за напредокот и стабилноста на својата земја“, се вели во соопштението, во кое се додава дека НАТО и меѓународните партнери активно ја следат ситуацијата и немаат намера да дозволат безбедносен вакуум.
„Генералниот секретар јасно стави до знаење дека ова не е 1992 година и дека НАТО и неговите меѓународни партнери се присутни и ангажирани во Босна и Херцеговина и нема да дозволат да се појави безбедносен вакуум. На крајот, тој истакна дека алијансата е посветена на соработката со Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението на НАТО.
Регион
Еден од основачите на „Пајрат беј“ загина во авионската несреќа во Словенија

Познатиот шведски претприемач, кој е и еден од основачите на веб-страницата „Пајрат беј“, загина во авионска несреќа на Велика Планина во Словенија.
Авионот полета од Загреб во понеделникот за Швајцарија и се урна во Словенија, а во вторникот биле пронајдени остатоците од авионот и телото на пилотот.
Шведскиот претприемач и поранешен политичар, Карл Улф Стур Лундстром, познат како еден од основачите на „Пајрат беј“, загина во авионска несреќа на Велика Планина, пренесува шведски „Експресен“.
Во понеделникот околу пладне спасувачките служби откриле дека делови од авионот паднале врз куќа, јавуваат локалните медиуми.
Линдстром управувал со авионот и бил единствениот човек во него.
Тој беше познат и како претприемач и како десничарски екстремист. На изборите во 2021 година се кандидира за партијата Алтернатива за Шведска. Во објава на платформата „Икс“ партијата напиша:
„Денеска не погодија трагични и незамисливи вести. Карл Лундстром, легенда и ветеран на шведскиот национализам, загина во авионска несреќа во понеделникот. Со својот авион ‘муни М-20’ летал од Загреб до Сент Мориц во Швајцарија, но се урнал во Словенија“.