Македонија
Кочоска бара одговор од министерката за финансии колку средства се потрошени за предизборни вработувања
Дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, бара одговор од министерката за финансии, Нина Ангеловска, колку средства се потрошени за вработувања во предизборниот период.
„Денеска, до мене од страна на ‘транспарентната’ министерка Нина Ангеловска беше доставен одговор на нашето барање за доставување копии од известувањата за обезбедени финансиски средства за вработување и согласности за ангажирање, кои првенствено ние ги бараме како такви, со оглед дека Министерството наводно немало евиденција за својата работа во однос на овие предмети (што е крајно непрофесионално и постапување спротивно на закононските одредби за чување и евидентирање архивски материјал), а со цел ние да направиме евиденција и за тоа да ги известиме јавноста и македонските граѓани“, вели Кочоска.


Таа додава: „Со овој одговор ‘транспарентната’ министерка известува дека немала законска обврска за нивно доставување, а повикувајќи се на одлуките на судот, според кои немало обврска за врзан потпис, кои, напоменувам, не се конечни (но, и не се однесуваат на ова прашање), па оттука ‘транспарентната’ министерка извлекла заклучок дека бараните податоци не се правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите. Замислете!
Почитувани, дозволете да ве информирам дека ‘транспарентната’ министерка, а и нејзиниот тим, не знаат или не сакаат да ги читаат законите, ниту знаат за што се водат постапки пред надлежни органи и судови за што морам повторно да им укажам дека правото за врзан потпис и моето право на неограничен пристап до сите акти, документи и информации се две посебни права уредени со две засебни законски одредби, кои треба соодветно да се почитуваат ако сакаме право и правна држава. Секое непочитување, премолчување, односно искривоколчување на законските пропишани обврски претставува незаконско постапување! Тогаш се прашувам за каква правна држава зборуваме? За што маршираа вчера функционерите од СДС кога во своите ресори не сакаат, односно не ги почитуваат законите!?!“
Таа прашува зошто се кријат овие податоци?
„Зар на граѓаните им е потребно право децидно и експлицитно утврдено за ‘транспарентна’ министерка да ги задоволи со податоци на кој начин се трошат нивните пари?
Почитувана ‘транспарентна’ министерке, повторно ве повикувам, ако сметате дека не треба мене (иако имате законска обврска), задоволете ги граѓаните и одговорете колку известувања за обезбедени средства за вработувања имате издадено во периодот од дознавање за одржување предвремени парламентарни избори до денес, и тоа на неопределено време, колку на определено време, колку за вработувања преку агенциите за привремени вработувања, колку согласности имате издадено за ангажирања лица со договор за дело и со авторски договори и како сте ценеле за нивната реална потреба и колку тоа ја чини државата“, вели Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“: Македонија има талент за европската инженерска сцена
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини оствари работна средба со студентите инженери од проектот „Македонска Формула“. Тимот MES Racing – првиот и единствен македонски Formula Student тим, кој успешно ја претставува државата на меѓународната инженерска и технолошка сцена.
На средбата, студентите го презентираа својот проект, визијата и досегашните активности, преку кои младите инженери стекнуваат практични знаења и работат по принципи на реална инженерска компанија, развивајќи иновативни решенија и современи технологии. На проектот работат четириесетина студенти од различни факултети и секој во рамки на својата област дава придонес за развој на овој проект.
Министерката ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка за младите инженери, потенцирајќи дека инвестицијата во нивното знаење, креативност и иновации е директна инвестиција во иднината на државата. Таа истакна дека ваквите студентски иницијативи се од исклучително значење за развојот на техничките науки, јакнењето на домашниот инженерски кадар и задржувањето на младите таленти во земјата.
„Наш приоритет е да создадеме средина во која младите инженери ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации. Проекти како ‘Македонска Формула’ покажуваат дека Македонија има знаење, визија и потенцијал да биде дел од европската и светската инженерска заедница,“ истакна министерката.
Од тимот MES Racing нагласија дека поддршката и соработката со институциите претставуваат значаен поттик за понатамошен развој на студентското инженерство, како и за унапредување на практичната едукација и технолошките капацитети во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршка на младите, науката, иновациите и инженерските решенија, како клучен сегмент во градењето на одржлива и конкурентна економија, додаваат од министерството.
Македонија
Владата на Мицоски ја отвори вратата за 10.000 странски работници, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година, истакнуваат од СДСМ.
„Одлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица.
Доаѓаат таканаречените „економски работници“. Иако во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена. Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа“.
Ги скратија процедурите, додаваат од опозициската партија, го продолжија времетраењето на дозволите.
„Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Донесоа резолуција – Декрет за да и забранат на опозицијата да говори за мигранти.
Тоа што се подготвуваше, почна“.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.

