Економија
Бектеши: Со Законот за енергетската ефикасност до нови инвестиции во енергетски ефикасно осветление во општините

Министерот за економија, Крешник Бектеши, присуствуваше на потпишување договори за јавно- приватно партнерство по ЕСКО-модел за јавно осветление помеѓу општините Македонска Каменица и Чешиново-Облешево како корисници и ЕСКО-компанијата „Македонски телеком“ АД Скопје. Овој проект е дел од регионална програма за енергетска ефикасност во Република Северна Македонија, која ја поддржува енергетската ефикасност со фокус на јавниот сектор, преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за што е обезбедена финансиска поддршка од инвестициската рамка на Европската Унија за Западен Балкан.
„Со новиот Закон за енергетската ефикасност, кој од вчера официјално влегува во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија. Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде што енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа како за граѓаните така и за економијата воопшто. Меѓу другото, законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение се прецизираат одредбите и модел-договорите, кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за ефикасно осветление така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации, каде што, меѓу другото, опфатени се и реконструкции на згради“, истакна Бектеши по потпишување на договорите.
Координаторот на проектот, Здравко Стефковски, истакна дека ЕСКО-компаниите се дефинирани со новиот Закон за енергетската ефикасност, кој веќе е донесен и вчера стапи во сила.
„ЕСКО-компаниите ја носат целокупната инвестиција на висококвалитетна ЛЕД-технологија за улично осветление, а крајниот корисник, во овој случај општините, финансиски не учествуваат. Крајниот корисник, Општината, ја враќа инвестицијата на ЕСКО-компанијата исклучиво преку заштедата на енергија. Во тендерската постапка Општината ја избира онаа ЕСКО компанија која има уредна документација според тендерската документација и ќе понуди најголемата нето-финансиска добивка за Општината. Времето на враќање на инвестицијата изнесува во просек шест години, а понудениот животен век на светилките е 100.000 работни часа. За времетраење на договорот целокупното одржување на опремата, која е предмет на договорот, потпаѓа под ЕСКО-компанијата. По завршување на договорот, целокупната заштеда на енергија и опремата остануваат на крајниот корисник, т.е. Општината. Ако се земе предвид дека системот за улично осветление во просек работи 4.200 работни часа годишно, во тој случај светилките би требало да работат околу 23 години“, потенцира Стефановски.
Градоначалниците на општините Македонска Каменица и Чешиново-Облешево, Соња Стаменковска и Горанчо Крстев, им се заблагодарија на Министерството за економија и ЕБРД за можноста да учествуваат во ваков проект и да може да инвестираат во енергетски ефикасна инфраструктура во своите општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија, сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија, додавајќи дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините, за кои вели дека не можат да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусираше својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следат наскоро“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следат наскоро“, рече тој, додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои „многу голема шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откако кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за прилагодување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.
Економија
Значителен раст во енергетскиот сектор во март 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
„Особено позитивен е растот од 12.9% во групата „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор. Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериски системи за складирање на електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетски проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и долгорочна енергетска сигурност“, велат од Министерството.
Од таму најавија дека во периодот што следува, приоритет ќе биде реализацијата на проекти кои значат поголема енергетска независност и стабилност на системот. Новата законска рамка ќе овозможи поинтензивна интеграција на обновливите извори, поефикасно управување со мрежата и поголема заштита на правата на потрошувачите.
Економија
Митева: Владина делегација учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија

Владината делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денес учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија.
„Силен впечаток остави точката и настапот на националниот ансамбл Танец кои го отворија денешниот ден. Македонскиот павилјон изобилува со традиционални изложби, но најсилно и најголеми внимание зазема токму онаа на јапонскиот архитект Кензо Танге кој го има проектирано Скопје после земјотресот во 1963 година“, изјави портпаролката, Марија Митева.
Како Влада остануваме посветени на афирмација на Македонија, а присуството на ЕКСПО 2025 година е уште еден доказ за тоа, додаде Митева.