Македонија
Ексдиректорот на БЈБ сведочеше за „Монструм“: Ако имавме дојава, лицата ќе беа под посебни истражни мерки

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски, познат како Радникот, сведочеше на рочиштето за „Монструм“. Тој ја вршел функцијата на 12 април 2012 година кога се случи петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека нема нелегални прислушкувани разговори од него, но има лице што сакало да донесе информации за случајот. Тодоровски се присети на моментите кога добил информација, односно му кажале дека имало 4 леша, возило „101“, после тоа му кажале дека има 5 трупа. Тој, пак, дал наредба да се обезбеди местото.
„Го знам Зоран Трајковски познат како Филмот бидејќи му беше возач на Љубе Бошковски. Кога бев директор, тој немал контакт со мене. Бев изненаден кога слушнав дека кажал, дека ми кажал мене нешто. Тој си има старешини, имало каде да каже. Со еден збор, немав контакт. Тој нема моќ да ми каже што планирале сторителите, не ми кажал дека нешто се спрема, зашто ако било така, јас ќе сум презел нешто. Тој пред две-три години ми се јавуваше два-три пати. Се видовме на состанок, зборуваше ‘Што правиш, како си’. Не сум слушнал дека на некого пренел информации за тој да ми даде мене“, рече Тодоровски.
Адвотката на оштетените, Дафинка Ивановска, го праша Тодоровски дали на некој од обвинетите што се во судницата му давал тетратка или го подучувал како пред судот, а тој негира.
„Ние не сме имале таква дојава. Не сме знаеле. Ако имаше такво нешто, лицата ќе беа под посебни истражни мерки и ќе сме ги надгледувале“, рече Тодоровски запрашан од родителот Горан Наќевски дали се точни информациите што ги добивал од инспекторите дека знаеле оти нешто ќе се случи, но не знаеле што.
Тодоровски негира дека не контактирал со обвинетиот Хаки Азири ниту пак, како што претходно тој изјавил, дека го малтретирал.
„Не сум бил тука 20 години“, рече Тодоровски кога Наќевски го запраша дали бил во судот кога Азири давал исказ пред обвинител.
Ексдиректорот на БЈБ пред судот рече дека делото било карактеризирано како тероризам, што значи дека случајот го работела Управата за безбедност и контраразузнавање, со која раководеше Сашо Мијалков.
„Тоа кривично дело беше карактеризирано како тероризам, што во суштина го работеше УБК. Мислам дека тие веќе отворија нивна обработка. Нашите состаноци беа да ги вклучиме колегите од крим-техника, ако има потреба, специјалните единици, единицата за брзо интервенирање, кои беа под моја команда. Во случајот доказите ги собираа тие што ја водеа обработката, односно УБК“, рече Тодоровски.
Тој одговарајќи на прашање од адвокатот Рауфи, рече дека не контактирал со загрозениот сведок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.