Македонија
Спасовски: Креираме јазични политики според потребите на граѓаните од сите етнички заедници
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, денеска во Владата се одржа јавна дискусија во рамките на подготовките за донесувањет програма за покренување на јавната свест за примена на Законот за употреба на јазиците.
На дискусијата, покрај премиерот Оливер Спасовски, воведни обраќања имаа и потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедници, Садула Дураки, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман, и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, Илбер Села, а модератор на настанот беше заменикот на генералниот секретар на Владата, Тахир Хани.
Во обраќањето, Спасовски истакна дека оваа дискусија е уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да се промовира и практикува владината стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, инспириран од големата европска идеја – Обединети во различностите.
„Од формирањето во 2017 година, Владата континуирано работи на создавање на одржливо граѓанско општество во кое е афирмирана и воспоставена меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во земјата, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики. Оваа цел во себе ги обединува посебноста и суштината на нашето заедништво, и во таа насока убеден сум дека сите учесници на денешната дискусија ќе го дадат значаен придонес во таа насока“, наведе премиерот Спасовски.
Тој истакна дека тргнувајќи од Националната стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализам, како и од обврската од Законот за употреба на јазиците, Владата е задолжена да развие програма за покренување на јавната свест за доследна примена на Законот за употреба на јазиците.
„Примената на Законот за употреба на јазиците се заснова на промовирање на основните човечки вредности, еднаквост на слободите и човековите права и на почитување на различностите. Концептот на разноличност во Република Северна Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата. Како истоветна слика на концептот на Европската Унија и НАТО, како организации кои во различноста го пронајдоа и го јакнат единството и заедништвото“, истакна Спасовски.
Воедно тој подвлече дека Владата од 2017 година е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите.
„Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други заедници. Креираме јазични политики кои се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Република Северна Македонија, како граѓанска и демократска држава“, нагласи премиерот Спасовски.
Тој истакна дека Македонците како мнозински народ во нашата земја ја имаат одговорноста да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја.
„Македонскиот јазик денес е признаен во целиот свет. Рамноправен со сите светски јазици. Запишан како македонски јазик во личната карта и во каталогот на нациите во Обединетите нации. Како што е посебен и рамноправен и македонскиот народ во заедницата на народите“, подвлече премиерот Спасовски.
Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски наведе дека на централно ниво, со примена на Законот за употреба на јазиците се употребува македонскиот јазик и неговото писмо, и албанскиот јазик и неговото писмо, додека на локално ниво, се употребуваат повеќе јазици освен македонскиот јазик.
„Албанскиот јазик се употребува во 25 општини, турскиот јазик во 10 општини, српскиот јазик во 3 општини, ромскиот јазик во 2 општини, босанскиот јазик во 2 општини и влашкиот јазик во една општина. Ова покажува отвореност на општеството на нашата држава на сите рамништа, особено земајќи во предвид дека во неколку од општините во кои се употребуваат повеќе јазици, тоа е направено со одлука на советот, а не поради законска одредба, што ја покажува желбата на институциите да бидат отворени и пристапни кон своите граѓани“, наглaси премиерот Спасовски.
На крајот од обраќањето премиерот Спасовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик освен на македонски упати честитки на турски, ромски и на албански јазик.
Министерот Дураки во својот говор се осврна на примената на Законот за употреба на јазиците, при што наведе дека значаен сегмент во неговата имплементација е постоењето на волја и свест кај граѓаните за јазичниот диверзитет и истакна дека на јазичните различности треба да се гледа како на вредност, а не како на пречка.
„Во јуни минатата година Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците започна со работа. Несомнено, во наредниот период, ова министерство, заедно со Агенцијата за спроведување на законот за употреба на јазиците и Инспекторатот за спроведување на законот за употреба на јазиците, ќе бидат клучни институции во креирањето и спроведувањето на политиките за употребата на албанскиот јазик во Република Северна Македонија. Но, помошта на сите други институции во јавниот сектор, невладините организации и граѓаните на Република Северна Македонија е повеќе од потребна во целосното спроведување на Законот за употреба на јазиците“, оцени Дураки.
На јавната дискусија се обрати и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман, кој нагласи дека Република Северна Македонија е успешен пример во однос на спектарот на употребата на јазиците на заедниците. Воедно тој посочи дека е потребно преку дополнителни системски решенија и мерки да се заштитат јазиците на помалите заедници, особено оние со мал број говорители како влашкиот јазик.
Свое обраќање на дискусијата имаше и директорот на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, Илбер Села, кој во нагласи дека ширината на употребата на јазиците е рефлексија на демократските капацитети на едно општество, но и основно човеково право.
Директорот Села се осврна и на предизвиците околу практичната имплементација на Законот за употреба на јазиците и нагласи дека тоа треба да се спроведува низ разбирање, дијалог и толеранција за различностите.
На јавната дебата во Владата присуствуваа голем број претставници од општествената јавност и дел од нив во работната дискусија ја поздравија иницијативата да се разговара за унапредување и почитување на употребата на мајчиниот јазик со негување на различностите и почитување на јазиците на сите народи.
Ширум светот денеска и утре, под покровителство на Обединетите нации и УНЕСКО, се организираат настани преку кои се промовираат негувањето и афирмацијата на сите јазици што ги користат народите во светот. Темата што ја предложи УНЕСКО за одбележување на годинашниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик е „Јазици без граници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

