Македонија
Ахмети за „Смилковци“: Ако е извршено од страна на Албанците, јас со плукање ќе ги казнам
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на рочиштето за „Монструм“ рече дека се познава со обвинетиот Фејзи Азири од 2002 или 2003 година одговарајќи на прашање од родителот Горан Наќевски, чиј син беше застрелан.
„Јас кога го запознав, беше добар човек. Тој ми има кажано дека чува стока“, рече Ахмети на прашање од адвокатот Насер Рауфи.
Обвинителката Фатиме Фетаи цитира разговор меѓу Ахмети и соговорник, воден два дена по настанот, каде што, според Фетаи, Ахмети рекол дека убиените биле буквално стрелани. Ахмети рече дека не знаел дали Бујар Османи бил кај загрозениот сведок Хаки Азири.
„Тоа сум го кажал бидејќи информациите сум ги имал од институциите бидејќи тие не биле само убиени, туку масакрирани“, рече Ахмети запрашан од каде знаел дека убиените биле буквално стрелани, како што му кажал на соговорнил два дена по настанот.
Родителот Горан Наќевски цитира разговор од Ахмети, каде што тој рекол: „Ова е голем срам за Албанците“. Родителот на убиеното момче кај Смилковското Езеро го запраша дали стои на истиот став.
„Не мислам дека Албанец би го правел овој криминал. На сите сум им кажал дека ако е извршено од страна на Албанците, јас со плукање ќе ги казнам“, рече Ахмети.
И другите прашања на Фетаи се темелеа на нелегално прислушкуваните разговори. Во разговорите се слушало и како Блерим Беџети и Али Ахмети зборувале за „Монструм“, а лидерот на ДУИ рекол: „Се трудиме да го менаџираме“. Фетаи на судењето го праша што значи тоа менаџирање што го споменувал Ахмети.
„Треба да се зборува со часови за тоа како била менаџирана ситуацијата. Дилемите што ги имавме ги изразувавме секогаш и се направи работна група“, рече Ахмети.
Фетаи цитира и други разговори. Имало и друг запис од телефонски разговор меѓу ексминистерот Џелал Бајрами и Ахмети нецел месец по убиството кај Смилковското Езеро. „Многу би се згрешила работата ако им се направело тестирање на тие двајца што се во Косово“, рекол Ахмети во разговорот.
„Не знам, сум заборавил, не знам конкретно за кого се однесува. Но, ако се однесуваше на обвинетите и ако нема материјални докази, сигурно тоа сум го кажал за нив“, рече Ахмети за разговорите.
За Фетаи, беше дилема како Ахмети знаел за прво и второобвинетиот дека се во Косово кога тие не биле фатени, а Ахмети одговори: „Тоа го знаеше целата јавност“.
Прашања до адвокатот имаше и Дафинка Ивановска, адвокатка на оштетените. Таа го праша за работната група, која претходно ја спомена Ахмети.
„Нашата цел беше да се повтори судењето бидејќи не беа земени сите докази предвид. И на крајот оваа група се формира, а како резултат на оваа група, еве денес се повторува судењето“, рече Ахмети.
Ахмети беше запрашан кои се точните и конкретни причини за формирањето оваа работна група.
„Јас ви реков дека материјалните докази требаше да бидат поуверливи. Судењето што претходно се одвиваше оставаше простор дека не било како што треба, односно недокажано. И тука е прашањето како да се менаџира тоа. Сме имале голема одговорност бидејќи од еден трагичен настан можело да се случи друг“, рече Ахмети.
Запрашан од адвокатката Ивановска: „Дали има преземени дејства за да се повтори постапката и кон кого?“, Ахмети рече: „Целта беше да поведеме иницијатива, а не конкретна акција. Сум предложил органите што се надлежни да го реализираат тоа, односно да одлучат дали ќе се повтори или не“.
Во разговор со Сафет Незири, лидерот на ДУИ, Ахмети барал информации за обвинетите и семејствата на убиените деца, се слушало од прислушуваните разговори. Ахмети беше прашан дали има заклучок, дали обвинетите се виновни, а тој рече: „Јас сум претседател на партија, а не директор на театар. Јас имам одговорност да се погрижиме“.
Родителот Горан Наќевски го запраша Ахмети дали зборувале за бомбите за „Монструм“ со доскорешниот премиер Зоран Заев по што тој негира.
„Јас сум разговарал со многу луѓе не само на телефон, односно со луѓе што не се во транскриптите. За мене беше голем и трагичен настан. Сигурно сум разговарал со многу луѓе, но не во кафеана. Јас сум институционална личност со одговорност и ме интересира само вистината“, рече Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

