Македонија
(Видео) Падна пресуда за „Змиско око“ – четворица вработени на патарините починале за време на историското судење
По 13 години низ судските лавиринти, денеска падна првостепената пресуда за веќе историскиот случај „Змиско око“. Претходно, во два наврата Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше по што судењето третпат почна од почеток.
Уапсените се товареа за злосторничко здружување, кое не издавало фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џебот по што повторно организирано си ги делеле. Со денешната пресуда четворица се ослободуваат од обвинение, а на другите им се изречени условни казни.
„Обвинението за кривичното дело злосторничко здружување по чл. 394 ст. 2 од КЗ се одбива поради настапување апсолутна застареност. Обвинетите В. М. С. А., В. Ј. и З. Б. се ослободуваат од обвинение за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 5 вв ст. 1 од КЗ. Другите обвинети се огласуваат за виновни за кривичното дело по чл. 353 ст. 5 вв ст. 1 од КЗ, па имајќи ја предвид нивната позиција, својство и овластување, им се изрекува:
За одговорното лице – алтернативна мерка условна осуда со казна затвор од 2 години, која нема да се реализира доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело. Обвинетите што имале својство на контролори на наплатни станици им се изрекува алтернативна мерка условна осуда со казна затвор од 1 година и 6 месеци доколку во следните 3 години не сторат ново кривично дело, обвинетите со својство на сменоводители и инкасанти им се изрекува алтернативна мерка условна осуда со казна од 1 година доколку во следните 2 години не сторат ново кривично дело“, стои во пресудата.
При објавата на пресудата еден од обвинетите, чиј идентитет е познат за судот, искажал навреди и пцости упатени кон судечкиот совет за што судот изготвил службена белешка и ќе поведе соодветна постапка.
„Не сме задоволни од одлуката и ќе се жалиме до Апелација. Да му е чест на судот кој е врзан во алка со Обвинителството. Ќе се бориме до крај, ако останеме живи, зашто знае и судот дека веќе четворица колеги ни починаа, а најверојатно и ние нема да го дочекаме крајот, но да ни се живи и здрави децата, да доживеат барем тие нешто поради нас“, рече по изрекувањето на пресудата, Митре Петров, еден од обвинетите, кој вели дека е осуден и покрај тоа што вели дека не бил на работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

