Македонија
Приведени еко-активисти кои ги обоиле прозорците на Министерството за животна средина

Средношколското движење „Петоци за иднината“ вчера го оддржа редовниот неделен протест, со што го изрази своето незадоволство кон Министерството за заштита на животната средина во спроведувањето на мерки против аеро-загадувањето и климатските промени.
„Имајќи предвид дека аеро-загадувањето е директен причинител на зголемен број на заболувања од рак и зголемена стапка на смртност кај населението од белодробни заболувања, акцијата која ја направивме беше директно поврзана со политичката порака која сакавме да ја пратиме. Ги обоивме дланките со црвена боја која се остранува со вода и оставивме отпечатоци на надворешната страна на прозорците на Министерството, посочувајќи на изгубените животи како последица на игнорирањето на проблемот со аеро-загадување во Скопје но, и во Тетово, Битола и други градови во државата. Оставивме и порака на шеталиштето каде што граѓаните кои минуваат покрај Министерството или работат во истото, секојдневно се потсетуваат за канцерогениот воздух кој го дишат.
Одговорот на Министерството за практикување на нашите Уставно загарантирани права како што се правото на протест и слободно изразување во јавен простор беше незаконско, понижувачко и, заканувачко со цел да бидеме спречени во идни акции кон оваа институција. Имено, обезбедувањето на Министерството надвор од своите надлежности, насилно лиши од слобода четворица средношколци од јавен простор и ги затвори повеќе од еден час во простории на институцијата.
По заплашувањата за кривични и прекршочни казни, беше повикана и полиција која наместо да не’ информира за правата, се обиде да изнуди признание за сторено прекршочно дело. Откако успеавме да стапиме во контакт со Хелсиншкиот комитет за човекови права и одбивме да дадеме изјави бевме ослободени од просториите. Еден од учесниците беше малолетно лице кое што без придружба на родител/старател беше одведено во полициска станица каде што, согласно нашите сознанија биле повикани родителите.
Постапувањето е незаконско, како и спречувањето на средношколец/ка да протестира затоа што е малолетник, имајќи ја предвид и Меѓународната Конвенција за правата на детето со која што се гарантира и слободното изразување на децата за работи кои директно ги засегаат. Аеро-загадувањето е директен причинител за белодробни заболувања особено кај децата кои се во развој и кои ќе сносат долготрајни последици по здравјето во остатокот од животот. За таа цел, убедени сме дека имаме право да се спротиставиме на институции кои наместо да го бранат го загрозуваат јавниот интерес, оневозможувајќи им на идните генерации да живеат во здрава еколошка средина.
На крајот, би сакале да изразиме благодарност до Комитетот кој не заштити од понатамошна траума и, извади од просториите на Министерството за животна средина до кое порачуваме дека: „Казните се плаќаат но, совест не!““ порачуваат од средношколското движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.