Македонија
Филипче апелира граѓаните да ги откажат патувањата во Италија
По петте смртни случаи од коронавирус во Италија, министерот за здравство, Венко Филипче, апелира граѓаните да ги одложат сите патувања во северна Италија.
Мерките за откривање заболени од коронавирус, министерот вели дека од денеска се преземаат на сите копнени гранични премини, а на аеродромите мерките се зголемени и се проверуваат сите патници кои пристигнуваат, за разлика од досега кога проверки се правеа на патниците кои доаѓаат од Кина преку конекциите во Истанбул и Дубаи.
На копнените гранични премини сите патници ќе пополнуваат прашалници кои утрово им биле дадени на граничните полицајци и на царинарниците.
„На сите патници им се поставуваат прашања од каде доаѓаат, дали евентуално доаѓаат од некои од критичните региони, дали биле во контакт со заболени без разлика каде. Врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје тука, во Скопје, а понатаму, доколку има некој патник кој би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или бил во контакт со заболени изминатиот период, се постапува согласно алгоритмот, односно епидемиологот го сместува тој патник во посебна просторија на граничниот сувоземен премин, каде што се прават проверките, се прави тестирањете и понатаму се постапува согласно резултатите. Доколку има некој заболен од коронавирусот, тој се спроведува по соодветен пат на соодветен начин од страна на здравствениот дом во Скопје, во соодветно возило, со соодветно спремен тим до Инфективната клиника во Скопје каде што постои еден дел за изолација, доколку е потребно и карантин“, рече министерот Филипче.
Доколку има патници коишто треба да се следат, за тоа е спремно инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, а спремни ќе бидат и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, доколку се појави потреба.
На скопскиот аеродром, скрининзите со термалната камера од денес се прават на местото каде што се влегува во делот за царина, локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега, само патниците од Дубаи и Истанбул. Со бесконтактен термометар, пак, ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид, каде што нема термални камери. Со бесконтанктниот топломер вечерва ќе бидат третирани сите патници кои ќе пристигнат од Милано на охридскиот аеродром.
Тестирања на сомнителни случаи ќе се вршат на инфективните клиники во Скопје и во Куманово, а Министерството за здравство информира дека во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот.
Министерот Филипче извести дека се во постојан контакт со нашиот конзул во Венеција, каде нема податоци за наши граѓани под осервација или заболени од коронавирус.
„Го замоливме конзулот, доколку постои механизам, тој да биде известен ако некоја група на наши граѓани сака да се врати во нашата земја. На тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини“, рече министерот Филипче.
За денеска во 17 часот е закажан состанок со Центарот за управување со кризи по кој ќе се знае дали ќе се побара од средните училишта да ги откажат закажаните екскурзии во Италија и како ќе постапат другите институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

