Македонија
Димитров на работен појадок со резидентните aмбасадори на земји членки на ЕУ
Денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на работен појадок со резидентните амбасадори на земји членки на ЕУ, организиран од страна на амбасадорката на Република Хрватска во земјава, Нивес Тигањ, во својство на земја претседавач со Совет на ЕУ.
На состанокот Димитров првично изрази благодарност за заложбите и поддршката што Хрватска ја дава во поглед на европската перспектива на земјите од регионот за време на нивното претседавање, особено во претстојниов клучен период.
Понатаму подетално ги брифираше амбасадорите за актуелните случувања на домашен план, пред сè поврзани со последните активности и резултати на реформски план и донесувањето значајна легислатива во Собранието пред неговото распуштање на 16 февруари 2020.
Притоа, Димитров ја нагласи посветеноста и решеноста демонстрирана од страна на државата и покрај деликатноста на процесите и контекстот по октомврискиот ЕУ-самит да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција.
Меѓу другото, на состанокот беа разменети мислења и за актуелните случувања во рамки на регионот и самата ЕУ, за ажурираната методологија за пристапни преговори предложена од страна на Европската комисија, како и за очекуваните вонредни мини извештаи на Европската комисија за последниот напредок на земјата. Од страна на министерот Димитров беше изразена надеж дека овој пат ќе бидат препознаени создадените поволни околности и состојки за заеднички успех на земјата и ЕУ, преку донесување на заслужената одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

