Економија
Ангеловска на средба со бизнис-заедницата во Свети Николе: 6,7 милијарди денари во буџетот за поддршка на приватниот сектор

Приватниот сектор е и треба да биде двигател на економскиот раст во земјава. Затоа економските политики се во насока на поддршка на развој на конкурентноста на приватниот сектор, на поддршка на извозот, инвестиции во нови технологии и подобрување на адекватноста на работната сила на пазарот на труд. Во буџетот за 2020 предвидени се 6,7 милијарди денари за мерки за поддршка на приватниот сектор, беше посочено на средбата на министерката за финансии, Нина Ангеловска, со бизнис-заедницата во општина Свети Николе, на која присуствуваше и градоначалникот на општината, Сашо Велковски.
„Со стопанствениците зборувавме за нивните предизвици, идеи и предлози како сметаат дека може да се подобри нивното работење. Приватниот сектор е клучен за развој на економијата и тој треба да биде двигателот, ако сакаме да оствариме побрз економски раст. Во таа насока, ги посочив мерките кои стојат на располагање во bуџетот за 2020 година со издвоени 6,7 милијарди денари за поддршка на стопанството. Конкретно тука се вклучени мерките за поддршка на инвестициите, за замена на стара со нова технологија во износ од 3 милијарди денари. За субвенциите за раст на платите издвоени се 2,4 милијарди денари и ме радува што стопанствениците тука ја поддржуваат мерката, и дека дел ја користат и ги зголемиле платите на вработените. Клучен предизвик е и квалификуваната работна сила. Во буџетот се издвоени 1,3 милијарди денари за оперативниот план за реквалификација, односно вложување во кадрите за да бидат адекватни на пазарот на труд и за да се намали јазot помеѓу вештините и потребите на пазарот на труд“, рече Ангеловска.
Ангеловска посочи дека на состанокот станало и збор за олеснување на административните процедури, на што, како што посочи Ангеловска, Министерството за финансии работи во насока на подобрување на бизнис-окружувањето и поедноставување на процедурите.
„На средбата имаше претставници и од земјоделската индустрија и од текстилната. Постои неискористен потенцијал и може да се зголеми извозот на овие компании преку имплементација на новите технологии. Во тој домен разговаравме за нови потенцијални проекти во сферата на земјоделието и текстилната индустрија, каде значително може да се додаде вредност, односно домашните компании да ги пласираат своите производи со додадена вредност директно на странските пазари“, рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.
Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.