Македонија
Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги погазуваше новинарските слободи, СДСМ ги врати слободата и демократијата
СДСМ ги почитува европските принципи за слобода и демократија и затоа го поддржува развојот на медиумите и слободата на говорот и аргументираната критика, изјави на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа рече дека владејачката партија ги вратила слободата, демократијата и критичкото размислување.
„За само две и пол години заедно со граѓаните и новинарите успеавме да ги ослободиме медиумите од партиските влијанија и од 11-годишната узурпација од страна на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе нема јавувања од политички функционери по уредници и нема нарачка на прилози и вести. Партијата на Никола Груевски цела деценија корумпираше одредени медиуми со црни пари и со народни пари со кои купуваше рекламен простор во милионски износи. Со поткупот на медиумите ВМРО-ДПМНЕ стана и сопственик, и уредник и пропагандист во медиумите под нивна контрола“, рече Кузеска.
„ВМРО ДПМНЕ го зави во црно македонското новинарство за да му служи на режимот. Да се потсетиме дека новинари завршуваа во затвор за објавени информации, на големи медиуми ставија клуч затоа што ја критикуваа нивната ненародна и криминална политика, стотици новинари ги оставија на улица затоа што не му се приклонија на Груевски во узурпацијата на медиумите.
Режимот на ВМРО-ДПМНЕ од медиумите направи партиски мегафони за да ги величаат неговите злодела и да го штитат при секоја криминална постапка или лошо спроведена политика.
Денес сè е исто во белиот дворец.
И тогаш и сега ВМРО-ДПМНЕ поткупува медиуми за да пласираат лажни вести. Тогаш за да го одржат режимот, а денес за да пишуваат против европските успеси на државата.
СДСМ ја актуелизира оваа тема затоа што неодамна се појави новинарско истражување во Словенија кое директно посочува четири медиуми во Скопје во кои се слеале 2,5 милиони евра со цел да се поткопува преспанскиот договор и членството на Северна Македонија во НАТО.
СДСМ нема да престане со борбата за создавање професионална и независна медиумска сфера. За нас се приоритет демократските и европските вредности за јавна критика, дебата и слобода на изразување. Сето она што беше забрането во режимот“, рече Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска: Со вакво темпо, за родова еднаквост ќе ни требаат уште 57 години, жените во енергетиката ни се потребни денес за посилен и поиновативен сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.
„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот Економски Форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки “, порача Божиновска.
Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.
„Oвие бариери не се непремостливи.Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор.“ нагласи Божиновска.
Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.
„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.
Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.
Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образовните институции, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, беше посочен како пример за конкретен и применлив модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.
„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите“, порача Божиновска.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.

