Македонија
(Видео) Миланов: Нема докази за организацијата на крвавиот четврток
Адвокатите на обвинетите за организација на крвавите настани од 27 април 2017 велат дека обвинението против Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски не е поткрепено со никакви докази и дека личи на „осуда на патриотите од 1948 година кога биле осудувани патриотите кои се бореле за независна Македонија“.
„Начинот на кој се води ова судење и начинот на постапување на обвинителството е во најдобрите традиции од 1948 година, кога врз основа на измислени сведоци, беа осудувани голем број патриоти кои се бореа за независна Македонија“, рече Јордан Апостолски, адвокат на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Адвокатот Еленко Миланов, пак, вели дека обвинението не се темели на никакви докази.
„Во конкретниот случај и од воведниот говор на самото обвинителство, не можевме да видиме посочување на ниту еден доказ. Не постои порака или организирање од Спиро и Миле на кого било. Не постои организиран превоз за тој ден, ниту доказ за такво нешто, а не може постапувањето по деловникот на Трајко Вељаноски да биде карактеризирано како тероризам“, рече Миланов.
Обвинетата „четворка“ денеска на јавната расправа пред судот кажа дека не чувствуваат вина за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Наредното судење е закажано за 9 март, кога обвинетите ќе го дадат својот воведен говор.
За сведоци ќе бидат повикани техничкиот премиер Оливер Спасовски, но и Михалил Младеновски, кој беше обвинет за првиот дел од предметот, а потоа и амнестиран.
Тој за време на неговиот распит при судењето го посочи Владимир Атанасовски како еден од нарачателите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Информативни табли со QR-код за брзо плаќање
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, каде што заедно со директорот Душко Коцевски разговараа за новите услуги и иновации во системот за паркирање.
Коцевски го информираше Герасимовски дека на новите информативни табли на ПОЦ е поставен QR-код со директен линк, што овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка, без потреба од регистрација или испраќање SMS порака.
„Одличен потег на ЈП ПОЦ за модернизација и поефикасно паркирање во општината. Ги следиме модерните трендови за побрзи и електронски достапни услуги со кои корисниците ќе можат полесно и поедноставно да ги користат услугите“, истакна Герасимовски.
На информативниот штанд беа промовирани и нови типови паркинг-карти достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мултинеделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Македонија
Минчев-Сулстром: Целта е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром. На средбата, Минчев и Сулстром разговараа за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцира дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.
„Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост“ изјави Минчев.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.
Министерството за јавна администрација, велат од таму, ќе продолжи активно да работи на воспоставување и јакнење на партнерства со земјите членки на Европската Унија, со цел приближување на стандардите и вредностите на европското управување.
Македонија
Општина Центар: Нови услуги за полесно паркирање
Во насока на подобро информирање на граѓаните и зголемување на достапноста на услугите, денес беше реализирана информативна акција во населбата Капиштец – пред Т.Ц. Беверли Хилс, на која на граѓаните им беа поделени информативни материјали и производи со цел подобро запознавање со новитетите во системот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Граѓаните, како што посочуваат од општината, имаат можност да користат нови типови на паркинг-карти кои се достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мулти-неделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Мулти-неделната паркинг-карта се купува онлајн, без потреба од физичко присуство на шалтер. Оваа карта важи седум дена и овозможува паркирање на сите комерцијални паркиралишта од отворен тип во зона 1 и зона 2. Воведени се и гостински паркинг-карти, наменети исклучиво за жителите на општина Центар со активен кориснички договор. Тие им овозможуваат на жителите полесно да им обезбедат паркинг-место на своите гости. Овие карти важат и за комерцијалните и за резидентните отворени паркиралишта во секторот каде што живее корисникот.
Најновата услуга што ЈП ПОЦ ја воведе е онлајн плаќање со платежна картичка без потреба од најава, апликација или регистрација. На информативните табли на паркинзите е поставен QR-код и директен линк што води до страницата за плаќање, со што процесот е едноставен, брз и достапен за сите корисници.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, кои остварија средби со жителите и ги запознаа со новите услуги.
„Со воведувањето на новите типови паркинг-карти, како мулти-неделната и гостинската, овозможуваме граѓаните да имаат поголема контрола и удобност при користење на нашите паркинг-услуги. Целта ни е системот да биде практичен, дигитален и прилагоден на реалните потреби на жителите на Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Како локална самоуправа, континуирано инвестираме во дигитални решенија кои им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Со новиот начин на онлајн плаќање и модернизацијата на паркинг-системот, правиме значаен чекор кон поквалитетни, побрзи и потранспарентни јавни услуги. Центар ќе продолжи да биде пример за општина што ги користи технологијата и иновациите во служба на граѓаните,“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

