Македонија
Спасовски: Нема потреба од паника, сè е под контрола

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, на прес-конференција изјави дека нема потреба од паника во јавноста поради појавата на првиот случај на заболен од коронавирусот.
„Сите државни служби се во целосна подготвеност, нема причина за паника бидејќи воспоставена е контрола и преземени се сите мерки во согласност со протоколите. Преминуваме во следната фаза на справување. Граѓаните треба да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство, а институциите имаат стручни кадри и опрема“, рече тој.
На новинарско прашање Спасовски одговори дека на сите училишта им дале задолжение да ги откажат екскурзиите во Италија, но засега сметаат дека нема потреба од никакви други ограничувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Свети Николе затекнат локал на нива: вработените непријавени, објектот дивоградба, без план за евакуација

Полицијата во соработка со инспекторите и претставници на локални институции изврши контрола на угостителски објект во Свети Николе сопственост на А.К. при што биле констатирани низа неправилности.
„Не биле исполени минималните технички услови за работа, вработените биле непријавени, немало проценка, план, правилник и елаборат за заштита од пожари. Објектот немал ниту систем за детекција за дојава од пожари, план за евакуација, хидранти и доволен број на ПП апарати.
Констатирано било и дека објектот е дивоградба односно нема градежна дозвола и се наоѓа на земјоделско земјиште.
На сопственикот му е издадено решение за забрана користење на објектот.
Македонија
СДСМ: Повторно нема истрага против никој од МВР одговорен таа ноќ

Проширувањето на истрагата за страшната трагедија во Кочани се уште е фокусирана само на минатото а никако на моментите кога се случил кривично-правниот настан ниту на актуелни полициски функционери, регира СДСМ по денешната прес-конференција за истрагата.
„Истрагата се уште нема одговор на клучните прашања:
-Кој е одговорен за пожарот поради кој згасна 61 живот а околу 200 млади луѓе беа повредени?
-Кој ќе одговара за пропустите во безбедноста, за кои директно се надлежни МВР и БЈБ?
На денот на трагедијата, 16 март, актуелните функционери на ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиции биле одговорни за безбедноста и морале да постапуваат.
Ако затаиле контролните механизми и безбедноста, кои се под директна надлежност на ОВР Кочани, СВР Штип, односно МВР и БЈБ како е можно ниту еден од актуелните функционери да не биде приведен и да не биде опфатен со истрагата?
Фактите говорат дека овие институции под директна надлежност на МВР не постапиле соодветно за време на кривично-правниот настан и непосредно пред него.
Не само што не изготвиле безбедносен план и не направиле проценка на ризик, полицијата била на лице место кобната ноќ во диското – видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца – и не презела ништо.
Дополнително, МВР е надлежно и за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор –што е основна причината за пожарот.
Тошковски наместо да дава политички изјави треба да одговори како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функционери кои биле на позиции тој ден?
СДСМ инсистира на неселективна правда за Кочани. Никој не смее да биде заштитен. Истрагата не смее да продолжи да се води селективно насочена само кон минатото.
Одговорност мора да има за сите, особено за оние пропустите во безбедноста, без разлика на функцијата или позицијата“, велат од СДСМ во реакцијата.
Македонија
Тошковски: Не смее да се дозволи истрагата за „Пулс“ да биде под влијание на политичките препукувања

Заврши времето кога пајакот и кабелот беа криви. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на заедничка прес конференција со јавниот обвинител Љупчо Коцевски на која беа споделени детали од истрагата за пожарот во „Пулс“ во Кочани.
„Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство.“, рече Тшковски.
Додаде дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законите.
„Нема да го дозволиме тоа. Ќе продолжиме и понатаму да работиме и за секој еден што ќе биде утврдено било каква причинско последична врска со предметниот кривично правен настан каде што загинаа 61 млад човек, ќе биде преземено соодветно дејствие, во рамки на законските надлежности коишто се дадени, како на Министерството за внатрешни работи, така и на Јавното обвинителство.“, нагласи на крај министерот Тошковски.
На денешната прес-конференција беше соопштено дека проширената истрага за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ опфаќа нови 19 лица. Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата. Меѓу новоосомничените се и поранешни министри во Министерството за економија, како и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.