Економија
Групацијата„ Иутекредит“ со зголемена исплата на кредити за 86%
Меѓународната фин-тек компанија „Иутекредит“, со потекло од Естонија, ја зголеми исплатата на кредити за 86% во рок од една година, на 152 милиони евра. „Иутекредит“ со своето претставништво во Македонија користи иновативни технички решенија за примање апликации за кредит, кои овозможуваат нивно брзо процесирање и проценка на ризикот.
Според извршниот директор на групацијата „Иутекредит“, Тармо Силд, речиси сите финансиски показатели значително се зголемиле во рок од една година. Покрај тоа што заемите издадени во пет различни земји се зголемени од 82 на 152 милиони евра, приходите од камати се зголемени за речиси 108%, што е за повеќе од двојно, од 22,6 на 47,0 милиони евра. Исто така, заработката на компанијата пред оданочување и амортизација (EBITDA) се зголеми за 56,2% на 20,2 милиони евра, додека, пак, нето-добивката на „Иутекредит“ за истиот период е зголемена на 8,4 милиони евра.
„Овој раст е предводен од паметна технологија и високото ниво на услуга што им се нуди на клиентите. Хај-тек компаниите денес не прават чуда. Клучот за успехот е во можноста да се одржи човечката димензија на услугата кон клиентите, дури и кога значителен дел од работата е автоматизиран“, објасни Силд. „Како естонска компанија, се потпираме на успешната приказна на ‘е-Естонија’, која доста ни помага“.
За 2020 година „Иутекредит“ има за цел да издаде кредити во износ до 210 милиони евра на над 300 илјади клиенти. Тоа би значело вкупниот приход да изнесува најмалку 70 милиони евра. „За да ги добиеме овие резултати, ќе придонесеме за зголемување на надлежностите на нашите тимови, со цел да ги анализираме податоците и да ги искористиме сите можности на нашата техничка платформа. Исто така, ние веруваме во исклучителниот однос што го имаме со клиентите кои се навраќаат кај нас, поради придобивките и искуството што го добиваат “, објасни Силд.
„Друг важен развој за нас како групација е фактот дека бизнисот на ‘Иутекредит’ стана оперативен на два нови пазари, Бугарија и Босна и Херцеговина, на кои очекуваме брз раст во текот на следниот период. Покрај тоа, иновативноста на нашите продукти не придонесува само за брзи и лесни апликации за кредит, туку и за комплетно нови придобивки за нашите клиенти. Особено сме горди што сме првата финансиска небанкарска компанија во Македонија што нуди платежни картички од брендот Мастеркард “, дополнува Силд.
„Иутекредит“ е меѓународна фин-тек компанија за микро-кредитирање со потекло од Естонија, која се фокусира најмногу на кредити на рати, вклучувајќи и кредити за автомобили. Просечниот период на кредит е 18 месеци. Денес, „Иутекредит“ стана водечка компанија за микро-кредити во Европа со биланс на состојба од 100 милиони евра и повеќе од 200 000 активни клиенти. Компанијата се финансира преку јавно тргувани обврзници кои котираат на берзата во Франкфурт.
„Иутекредит“ во Македонија е присутна во шест градови и опслужува приближно 50 000 локални клиенти. Компанијата има повеќе познати трговски партнери во малопродажба како што се компаниите Нептун, Сетек и други.
Покрај Македонија, „Иутекредит“ работи и во Молдавија, Албанија, Бугарија и Босна и Херцеговина. Портфолиото на деловни партнери на „Иутекредит“ вклучува државни поштенски услуги, меѓународни телеоператори Оринџ, Водафон, Дојче Телеком, големи продавници за електроника, итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

