Македонија
(Видео) Гаши: Нашата битка не е со СДСМ и Беса, туку ДУИ да замине во опозиција
За лидерот на Алтернативата, Африм Гаши, коалицијата СДСМ-Беса не е пречка на патот кон освојување на албанскиот електорат. Како што изјави во интервјуто за „Макфакс“, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива главната битка ќе ја води со ДУИ, односно ова партија да ја напушти власта и да замине во опозиција.
„СДСМ не ја води битката со нас, ќе ја води со ВМРО-ДПМНЕ. На оваа коалиција со Беса не гледам како на некаква закана, туку, напротив, расчистување на патот и дилемите кај албанскиот електорат. По коалирањето на Беса со СДСМ, има одреден револт кај голем број гласачи бидејќи ова соединување не било очекувано за нив. Но, не би сакал да навлегувам во тоа, за нас најважно е да ја победиме ДУИ, која треба да замине во опозиција, а ние да ја освоиме власта“, дециден беше Гаши.
Лидерот на Алтернативата рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство мандати, ќе преговара за коалиција во власта затоа што така одлучило мнозинството гласачи. Но, Гаши не ја исклучи можноста и за коалирање со СДСМ, при што рече дека, сепак, дали ќе формираат влада, ќе зависи од усогласеноста на програмите на коалиционите партнери.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и освои мнозинство мандати доволни за формирање влада, ние ќе мора да ја почитуваме волјата на граѓаните и да преговараме за коалиција со оваа партија. Истото важи и доколку победи СДСМ, нема разлика. За преговори не е проблем, но дали ќе ги усогласиме програмите и ќе се договориме е сосема друга работа. Но, засега ова е хипотетичко прашање и моето размислување го темелам на работите од денешна перспектива. Што и како ќе се случува, останува да почекаме како ќе поминат изборите“, додава Гаши.
Како што рече лидерот на Алтернативата, анкетите покажале дека 2/3 од гласачите што излегуваат на избори сакаат промена на албанската политичката сцена, што, според него, ова е шанса заедно со Села да го освои мнозинството кај албанскиот електорат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Од шахта на булеварот „Александар Македонски“ масивно истекуваше хемиска пена, Ѓорѓиевски: Ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки
Вечерва, на социјалните мрежи се појавија фотографии за кои скопјани со право се загрижија, но и за кои ние веќе претходно преземавме мерки. Согласно издадената наредба од Инспекторатот на Град Скопје, беше извршен вонреден инспекциски надзор на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Овластените инспектори на Град Скопје веднаш излегоа на терен и направија детален увид во состојбата. На лице место беше затекната алармантна ситуација, од средишната шахта на булеварот беше забележано масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во непосредна близина.
Станува збор за сериозно нарушување на законските прописи и директно загрозување на животната средина.
Надлежните институции веднаш постапија. Земени се проби од шахтата, од површината на булеварот, како и од пеноматот во сопственост на правното лице.
Врз основа на утврдената состојба и собраните докази, кон правното лице ќе бидат преземени најстроги санкциски мерки. Никакво отстапување нема да биде дозволено, секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде градоначалникот.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.

