Македонија
ЗНМ и Советот за етика во медиумите со осуда за заканите и навредите врз новинарката Мирослава Бурнс
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) ги осудија заканите и навредите врз новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Бурнс, од страна на Ласте Ивановски, вработен во Царинската управа.
„Во текот на вчерашниот ден Ивановски преку социјалната мрежа ‘Фејсбук’ упатил недолични навреди и закани кон новинарката Бурнс. Овој непримерен начин на комуникација и малтретирање е неприфатлив и претставува директна закана кон слободата на говорот. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите мерки за расчистување на овој случај. Истовремено, земајќи предвид дека заканите се изречени од лице што е државен службеник, ги повикуваме неговите надредени од Царинската управа да преземат соодветни санкции против нивниот вработен со цел вакви случаи да не се повторуваат во иднина“, велат од ЗНМ.
ЗНМ потсетува дека онлајн-заканите и малтретирањето се во подем во предизборниот период и уште еднаш апелира до партиите и граѓаните да се воздржат од закани кон новинарите бидејќи тоа претставува кривично дело за кое се предвидени ригорозни казни.
Настанот го осуди и Советот за етика во медиумите. Од таму велат дека последниот случај на вознемирување, навреди и онлајн-притисоци врз новинарката Бурнс од лице вработено во Царинската управа на Македонија е уште еден показател на тенденциите за попречување на работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес.
„Ваквите инциденти и непријателскиот амбиент што го предизвикуваат се директен напад врз слободата на изразување, а во случајов уште позагрижувачки е што новинарката е цел на напад и како вработена во медиум и како жена. За Советот за етика во медиумите на Македонија е целосно неприфатливо на каков било начин да се попречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од секакви закани и притисоци. Притисоците врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на кој новинарите ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за кои известуваат и начинот на кој ќе обработуваат прашања од јавен интерес“, велат од СЕММ.
Од таму апелираат до институциите да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на ваквите инциденти. Решавањето на случаите од овој вид ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на притисоци врз медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

