Македонија
Тошковски до Костадинов: Му бев адвокат и на Заев, подобро извини се веднаш
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија лаже и нивната состојба е очајна“, реагира Панче Тошковски по обвинувањата од страна на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој претходно рече дека Христијан Мицкоски преку два договора за пет месеци му обезбедил на Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ 170.000 евра.
„Како адвокат сум застапувал и застапувам членови на ВМРО-ДПМНЕ, неопределени, членови на СДСМ, државни институции и компании. И сите договори се склучени на законит, легален и транспарентен начин.
За хартиите со кои мавта Костадинов, сигурно му недостигаат исплатите од 2018 и 2019 година направени додека Зоран Заев е премиер, а директор на компанијата е нивен кадар, бидејќи јас продолжив да ѝ бидам адвокат на истата компанија и по смената на власта. Ако првото било незаконско, значи таквата незаконитост ја продолжила и Владата на Заев или, пак, за офсајдов во кој залутаа не им се зборува? Доколку имаше каков било криминал, зошто чекаа 3 години да го пријават?
Воедно, мене ми е жал што Костадинов го местат толку ниско во СДСМ, но морам да му соопштам дека како правен консултант имам договор и со Зоран Заев додека тој беше градоначалник. Ако имало криминални шеми за кои обвинува Костадинов, тогаш во нив бил и Зоран Заев?
Што се однесува до Костадинов, за разлика од непријателското местење што му се случува во СДСМ, би му дал еден пријателски совет, најди си добар адвокат, а на Заев би му порачал да ангажира неколку адвокатски канцеларии затоа што само еден добар адвокат не ќе да му е доволен.
П.С. Костадине, подобро извини се веднаш затоа што во спротивно биди сигурен дека ќе следат соодветни правни постапки за твоите лаги и клевети“, наведе Тошковски во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

