Економија
Заев најави социјални станови, старски домови и повеќе пари за лицата со попреченост

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција ја претстави социјалната програма 2020-2024 и рече дека во неа ќе има проекти со кои ќе бидат опфатени сите категории граѓани, најранливите, децата, работниците и повозрасните граѓани. Најави повеќе проекти, како што се изградба на нови социјални станови, старски домови, зголемување на минималната плата, како и остварување на правата на социјални додатоци и бенефеции за одредени социјални категории граѓани.
„Продолжување на грижата за ранливите категории граѓани преку зголемување на опфатот со социјална помош и детски додаток, зголемување на висината на сите права за попреченост, вложување во ран детски развој преку зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование, изградба на градинки, поддршка и помош за повозрасните преку изградба нови старски домови и развој на нови услуги за поддршка, изградба на 777 стана за ранливи категории и млади брачни парови“, рече Заев.
Од општество што газеше врз достоинството на ранливите граѓани, рече тој, се трансформиравме во општество што се грижи за сите и обезбедува еднакви можности и услови сите да уживаат еднакви права.
„До крајот на следниот мандат социјалната помош, која сега е поголема 300 отсто, ќе се прошири и ќе ја примаат 34 илјади семејства како гарантирана минимална помош, а 65 илјади деца ќе примаат детски додаток. Вложуваме во најмладите и до 2024 година со предучилишно образование ќе опфатиме 60 отсто деца на возраст од три до шест години. 10.000 деца ќе добијат современи услови за квалитетен раст и развој. Ќе ги ослободиме од плаќање партиципација за детска градинка сите деца од семејства со ниски приходи, рече Заев на денешната прес-конференција.
Во социјалната програма на СДСМ, доколку го добие мандатот, има низа мерки и за подобрување на квалитетот на животот за лицата со попреченост, рече Заев.
„Градиме систем за надминување на пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост. Во согласност со новата програма, сите права за попреченост ги зголемуваме 15 отсто во 2021 година. Дополнително, ја намалуваме границата за користење на правото за попреченост од 26 на 18 години, а ќе направиме сè до 2024 година да нема ниту една јавна институција без пристапна рампа“, рече Заев.
Тој најави и помош и поддршка за највозрасните преку изградба на три дома за стари лица во Скопје, Кочани и во Пробиштип, како и 10 нови центри за активно стареење и услуга за помош и нега во домот во вкупно 65 општини, а најви дека недела ќе биде неработен ден за сите работници.
„Недела да биде неработен ден за сите што сакаат да бидат со своите семејства. Минималната плата ја качуваме на 18 илјади денари затоа што секој заслужува да му се цени трудот на работното место. Нема напредок во едно општество ако нема грижа за сите“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.