Македонија
Поповски: Нулта толеранција за насилство, напади, уцени и притисоци врз новинарите
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, се обрати на регионалната работилница на тема „Новинарството за безбедносните предизвици во новото време“, што се одржа во хотелот „Мериот“.
На конференцијата воведни зборови имаа и Борче Петревски, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, како и Александар Меламед, шеф на прес и комуникацискиот тим при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Поповски во оваа пригода истакна дека во време кога има чести појави на екстремизам, екстремно насилство и тероризам, последиците ги чувствуваат граѓаните и поширокото општество.
„Медиумското известување и новинарските истражувачки стории за феномените на насилниот екстремизам и тероризам резултираат со напади врз новинарите од страна на екстремистите и нивните симпатизери. Тоа се напади врз животот на новинарите и другите медиумски работници и врз интегритетот на професијата и врз вистината“, истакна Поповски.
Тој рече дека постоењето слободни медиуми е клучен фактор во борбата против насилниот екстремизам.
Според истражувањето на интернет-цензурата, рече Поповски, Северна Македонија е рангирана меѓу земјите со најмалку онлајн-ограничувања во светот и дека ова е оставено на целосна саморегулација на новинарите и почитувањето на етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите.
Видливиот напредок во слободата на говор и изразување во Северна Македонија е констатиран во извештаите на Европската комисија, на „Репортери без граници“, „Фридoм хаус“, а првпат една влада усвои стратегија за транспарентност, чие значење е истакнато во најновиот извештај на Европската комисија.
Поповски истакна дека во насока на спречување на опасностите од ширењето на лажните вести и сајбер-заканите, Владата изработи и акциски план и формира акциска група за борба против дезинформациите и нападите врз демократијата.
Националниот координатор за спречување ннасилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, во своето обраќање посочи дека медиумите имаат голема одговорност во борбата против екстремизмот и дека во ваков случај треба особено внимателно и димензионирано да се известува.
Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, истакна дека сè почесто сме сведоци и консументи на информации создавани и пласирани, без да се води грижа за етичноста. Тој потенцира дека во ерата на дигиталните медиуми не е фер целосната одговорност за непрофесионалното информирање да ја сносат исклучиво новинарите, но дека тие честопати во трката по информации и „кликови“, продуцираат лажни вести, без увид во последиците.
Шефот на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, Александар Меламед, ја поздрави заложбата на Владата за зголемување на медиумската писменост и нејзино воведување во формалното образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

