Економија
РКЕ предлага при издавање одобренија за градба да се наведе на што ќе се грее секој нов објект
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги предлага измени во Законот за градењето, со што ќе се обезбеди задолжително при издавање на одобрението за градење точно да се наведе на што ќе се грее секој нов објект што ќе се гради.
„Мотивот за иницијативата што ја преземаме како регулаторно тело со ова предлог-решение е со цел на најефикасен и најекономичен начин да бидат искористени ресурсите со кои располагаме како држава за да се реши греењето на граѓаните. Станува збор за пракса преземена од европските метрополи, модел што не фаворизира, туку дава предвидливост, сигурност и стабилност во испораката. На овој начин ќе ги имаме однапред мапираните реони, каде и на кој енергент ќе се загреваат домовите и објектите. На пример: каде што има организиран систем на греење, новите градби ќе се приклучат на него, а доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем како би го решил проблемот со греење, не е спорно тоа решение да го реализира“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Крајна цел е, додаде тој, домаќинствата да добијат економичен, ефикасен и еколошки енергент, а операторите на дистрибутивната мрежа да знаат точно каде и во кои реони да ги зајакнат инвестициските циклуси во мрежата за да ги сведат на минимум можните дефекти и да нема испади од системот.
Во 2019 година вкупно 48 потрошувачи биле приклучени на преносната мрежа за гас, од каде што биле потрошени речиси 296 милиони нормални кубни метри гас (295.881.382 nm3), што во споредба со 2018 година има зголемување на потрошувачката од 14 отсто.
Најголем потрошувач е гасната електрана-топлана „Те-То“ АД Скопје, по него се топланите, компаниите од металната, прехранбената и општата индустрија, на природен гас приклучени се и два објекта од здравството, а тоа се Клиничкиот центар и болницата „8 Септември“, и од јавните институции Министерството за одбрана и ЈСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

