Македонија
Град Скопје ќе ги собира остатоците од бербата за да се спречи палење на стрништата
Град Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од бербата за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. И годинава кампањата ќе излезе од административните граници на Скопје и ќе го опфати целиот Скопскиот Плански Регион зашто сите жители на котлината го дишат истиот воздух.
„Минатата година оваа кампања првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и ‘МДЦ-Ти.нет’ и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа нè охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие 30-ина килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
Град Скопје е прва единица на локалната самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето евентуални пожари, кои често предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.
„Како што најавивме лани, и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на разните земјоделски култури за што сме особено благодарни како институција. Во таа насока овој месец беше избран како најповолен за пролетен почеток на оваа кампања. Сакам да упатам благодарност и до Халк банка, која годинава се вклучи со поддршка на промотивните активности на оваа кампања. Халк банка како општествено одговорна компанија и во минатото во повеќе наврати поддржувала разни проекти за унапредување на животната средина во Скопје. Им благодарам и на вработените во јавните претпријатија ‘Паркови и зеленило’ и ‘Комунална хигиена’, кои вложија голем дел од својот човечки и технички потенцијал во реализацијата на оваа кампања. Упатувам голема благодарност и до жителите на Скопје, кои покажаа висок степен на свест во однос на штетноста на оваа појава и ја искористија можноста да добијат бесплатно подигање на отпадот од бербата“, нагласи Шилегов.
Тој изрази уверување дека оваа година кампањата ќе наиде на уште поголем одѕив кај граѓаните и на тој начин во голем дел ќе се намали аерозагадувањето и ќе се спречи ширењето на пожарите. Само со заеднички сили, додаде тој, можеме да успееме во борбата за чиста и здрава животна средина во нашиот град, а ова е една од оние кампањи што најдобро го докажуваат тоа.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, пак, ги повика и преостанатите општини да се приклучат на ваквата иницијатива.
„Ние како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано сме на терен, во директна комуникација со земјоделците и ја користиме секоја пригода да им укажеме на штетноста од палењето стрништа со цел да ја подигнеме свеста за заштита на животната средина. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од Скопскиот Плански Регион ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Град Скопје за бесплатно собирање на стрништата“, рече Димковски.
Поддржувачот на годинешната кампања против палењето стрништа -Халк банка е екоориентирана компанија, која низ годините применува и поддржува многубројни екополитики и проекти. Халк банка ја дава својата поддршка кон активноста на институциите за реализација на активности кои имаат цел подобрување на квалитетот на воздухот и квалитетот на животната средина. Како резултат на ориентираноста кон еколошките проблеми, Халк банка неодамна лансира и мобилна апликација „ХалкЕко“, со која банката директно придонесува за почиста животна околина, а и влијае на формирање здрави навики и на подигање на екосвеста како индивидуална одговорност за животната средина. Благодарение на „ХалкЕко“ и нејзините корисници банката има засадено над 6.000 дрвја во државата и забележува намалување на CO2 за 23.370 килограми.
„Оваа година ја прошируваме програмата за да има влијание на поголема површина од градот и на поголем број луѓе. Овој проект годинава ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Град Скопје. Компостирањето на остатоците од бербата има повеќе придобивки за животната средина, за самото земјоделско производство и за спречување на загадувањето. Една значителна придобивка годинава ќе биде поврзана со квалитетот на воздухот во околината на Скопје. Со намалување на палењето на остатоците од бербата квалитетот на воздухот ќе продолжи да се подобрува, особено во периодот од годината кога палењето беше честа појава“, рече денеска д-р Џефри Ли од невладината организација „МДЦ-Ти.нет“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.
Македонија
На Божиќ се роди Миха – првото бебе во 2026 година во Кочани
На Божиќ, 7 јануари, во раните утрински часови се роди Миха, првото новороденче во 2026 година во Кочани. Мајката Виолета од Оризари роди здраво машко дете, второ во семејството Димитровски од Оризари.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска го посети Гинеколошко-акушерското одделение во Општа болница – Кочани, каде што со д-р Илчо Атанасовски, којшто го изврши породувањето и со директорката на болницата Катерина Мирчовска-Паниќ ѝ ја честитаа рожбата на мајката.
Градоначалникот им ги врачи традиционалните подароци на бебето и на мајката и им посака добро здравје и многу среќа во животот.
– Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати го кажавме, за повторно раѓање на Кочани и на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани. Ние како Општина ќе бидеме посредник меѓу централната власт и институцијата болница во Кочани за што е можно побрзо возобноување и повеќе инвестиции, како на кадровско така и на организациско поле – рече градоначалникот Грозданов.
На Гинеколошко-акушерското одделение и на дежурната екипа градоначалникот им врачи подароци и им посака успешна работа во 2026 година.
Доктор Илчо Атанасовски соопшти дека во 2025 година на Гинеколошкото одделение во Кочани се извршени 1600 прегледи и 230 хоспитализации. Бројот на породувања е помал во споредба со лани, но бројот на дијагностицирани карциноми е зголемен од 5 во 2024 на 16 во 2025.
Според директорката Паниќ-Мирчовска се очекува брзо кадровско екипирање на Гинеколошко-акушерското одделение со нови специјалисти, како и подобрување на медицинската опрема во кочанската болница.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е во прекин за секаков тип на возила, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

