Регион
Вучиќ и Тачи во Вашингтон добиле план за конечен договор и закани со санкции доколку не потпишат?
На косовскиот претседател, Хашим Тачи, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Белата куќа им бил претставен предлог-финалниот договор за разрешување на косовското прашање, пренесува „Б92“ повикувајќи се на косовските медиуми.
Според извештаите на медиумите, договорот има две опции, корекција на границите или т.н. заедница плус, со специфични барања на Србија – опција, која, според изворите, ја фаворизираат американските посредници, пишува „Бота сот“.
Овој медиум наведува дека другите детали од состанокот во Вашингтон покажуваат оти оваа фаза на преговори ќе биде динамична, слично како во Рамбуе, при што на страните ќе им бидат понудени само две опции, со предлог земи или остави, што е спротивно на виенските преговори што траеја речиси две години.
„Бота сот“ пишува дека граничната корекција или т.н. заедница плус се двете опции понудени на првиот состанок одржан пред два дена во Вашингтон, на кој присуствуваа косовскиот претседател, Хашим Тачи, и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Според наводите, од Србија не се бара да престане со кампањата за повлекување на признавањето до јуни годинава. Исто така, јуни годинава е крајниот рок за постигнување договор меѓу Косово и Србија.
Форматот за разговорите за конечниот договор ќе биде на ниво на претседатели, со тимови што тие самите ќе си ги избираат. На двете страни исто така им била понудена можност да се сретнат со американскиот претседател Доналд Трамп, но ова е одложено додека страните не се блиску до договор, пишува „Бота сот“.
Медиумите наведуваат дека на средбата на Тачи и на Вучиќ им било кажано дека страната што не сака да го потпише договорот, ќе добие повеќекратни санкции од САД.
Тачи на конференција за медиумите изјавил дека на средбата во Белата куќа имало драматичен пресврт и дека Америка, конечно, го презела под свое дијалогот меѓу Србија и Косово, кој сака да го заврши во краток рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

