Македонија
(Видео) Заев е уверен во чиста победа на изборите и не размислува за оставка
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не даде конкретен одговор на новинарско прашање доколку СДСМ изгуби на изборите, дали ќе даде оставка од функцијата. Тој рече дека верува во чиста победа на изборите затоа што според него резултатите на сите анкети за рејтинзите пред изборите биле на страната на СДСМ.
„Не ми паѓа на памет дека ќе изгубиме, ние мислиме на победата, мислиме на вредностите. На овој начин не размислувам со ниту една ќелија од мозокот, нема да изгубиме, како ќе изгубиме. Ќе победиме на 12 април. Народот одлучува, тој ни даде мандат и кога ни го даде тоа право, носев одлуки. Расте економијата, земјава станува членка на НАТО, на патот кон ЕУ сме, да се радуваме на демократијата и како ќе одлучи народот, така нека биде. Најважно е да имаме слободни, фер и демократски избори и да биде како ќе одлучи народот. Народот одлучува, еј! Јас сум верник и верувам дека луѓето одлучуваат со божја промисла. Тоа што е скроено во душата и во градите на луѓето, така и ќе одлучат. Ние треба да направиме сè да се претставиме како кандидати со нашите програми и на крајот да си одлучи народот“, рече лидерот на СДСМ, Заев.
Според него, останува отворена можноста за средба со лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Тој не одговори конкретно дали кон коалицијата ќе се приклучи оваа партија, но најави дека не е против да одржи средба.
„Како што кажав, во партијата има состаноци, се прават анализи, се финализираат внатрепартиските одлуки, кои ќе бидат соопштени на нашиот конгрес. Засега немаме состанок одржан со лидерот на ДПА, доколку вечерва на состанокот заклучиме дека треба, може да имаме состанок со Тачи. Лично јас сум за состанок да разговараме и да видиме што ќе произлезе од него“, рече Заев.
Прашан дали на листите ќе има кандидати на Беса, Заев рече дека штом е официјализирана коалиција, на листите ќе биде и Беса. Колку пратеници ќе има од коалиционите парнери, а колку од СДСМ, како што соопшти, ќе се знае по викендов, кој ќе биде работен за партиското раководство пред претстојниот конгрес на 9 март в понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

