Македонија
Мицкоски се сретна со грчкиот амбасадор: „Власта на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја стави земјата на брзата лента за ЕУ“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со грчкиот амбасадор во Македонија, Димитрис Јанакакис.
На средбата се разговарало за претстојните парламентарни избори, актуелните политички состојби во државата, македонската европерспектива и проблемите со кои се соочува земјата.
Како клучен проблем Мицкоски го истакнал проблемот со високата корупција и напоменал дека во земјата има низа неразрешени криминални афери во кои се вмешани највисоките структури на власта.
„Неказнивоста на криминалот и корупцијата ја кочи интеграцијата на Македонија во Европската Унија, но по победата на 12 април, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира на суштинските реформи, по што земјата ќе се најде на брзата лента за членство во ЕУ“, истакнал партискиот лидер.
Во однос на изборниот процес соговорниците биле согласни дека фер и демократски парламентарни избори се основата на една европска демократија и оти иднината на државата зависи од овие избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ

Арбен Таравари треба да расчисти со дилемите, смета неговиот коалициски партнер, Изет Меџити.
За односите меѓу нив, во рамки на коалицијата „Влен“, оценката на Меџити е дека тие се добри, а и двајцата комуницираат. Сепак, тројца од четворицата лидери на политичките партии кои ја сочинуваат „Влен“ се согласни дека треба да настапат заедно на локалните избори, но Таравари размислува поинаку.
„Разговараме деновиве сите политички субјекти во коалицијата да се претопат во ‘Влен’, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на локалните избори. Единствениот кој има дилеми и гледа како можна опција и соработка со ДУИ е Таравари, за тоа него ќе го прашате. Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ“, рече Меџити.
Планот е коалицијата да настапи на изборите со заеднички кандидати, листи, штаб, програма и платформа. Меџити се осврна на листите, коментирајќи дека градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека самите листи ги фаворизираат големите. Нема смисла, вели тој, ние сме кај големите и сега да одиме кај малите оти тоа ќе значи да се изберат гласови во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето и за кого работиме, додаде Меџити.
Прашан дали се планира владина реконструкција пред изборите, Меџити одговори: Ќе видиме тоа, ќе процениме кои се аргументите.
Македонија
(Видео) Филипче: Какви лицемери седат во Владата, ги убедуваат работниците дека може да живеат со 400 евра

Какви лицемери седат во Владата, ги убедуваат работниците дека можат да живеат со 400 евра месечно, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес конференцијата по неговата победа на внатрепартиските избори.
„Оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, за 10 месеци само покажа дека не знае, не умее, и што е најстрашно – не сака да се справи со реалните проблеми на луѓето. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно. Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Видете што се случува во здравството. Здравството е на колена“, рече Филипче
Тој најави силна и консолидирана СДСМ подготвена за борба на сите нивоа: „Ќе бидеме гласни, ќе бидеме искрени и ќе покажеме дека постои алтернатива. Да ја вратиме државата на вистинскиот пат, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани.
Филипче, кој освои двојно повеќе гласови од претходниот пат, потенцираше дека ова не е негова лична победа, туку заедничка победа на сите членови на СДСМ кои веруваат во правичноста, еднаквоста и напредокот – вредности кои, како што рече, денешната Влада целосно ги погазила.
Македонија
„Влен“: Од ИСО-стандарди ДУИ има само „и што има за нас“ – рекет стандард

„Наместо да се извинат за 20 години кражба, корупција и лаги, ДУИ се обидува да ги измие гревовите со еден бел лист хартија што го нарекува ‘меѓународен стандард’. Но, кој ќе го спроведува тој стандард во ДУИ“, прашуваат од ВЛЕН.
„Рамиз Мерко, со над 20 кривични пријави и со владеење што ја претвори Струга во приватна сопственост. Артан Груби и Прпарим Бајрами, кои го инсталираа „коцкарството“ во секој агол на државата. Бујар Османи, кој делеше тендери за рента-кар како да се бакшиши за неговите блиски. Или можеби Блерим Беџети, мајсторот на политиката „башибузук“, кој заедно со Данела Арсовска го претворија Скопје во џунгла. Или можеби ќе го повикаат милионерот Дрин Ахмети од „Соравија“ како „експерт“ да им дава совети. А Исмаил Јахоски од „Пуцко петрол“, познат по криминалните милионски зделки, го чуваат за моментот кога ќе треба некој да го финансира новиот бизнис-проект на ДУИ – „перење образ со народни пари“.
Ова не е борба против корупцијата, туку обид за нејзина сертификација и бришење со гума на сè што народот го чувствува во коски веќе две децении. Албанскиот народ нема потреба од купени сертификати во луксузни канцеларии на приватни компании, туку има потреба од вистинска правда, реална одговорност и казна за оние што 20 години крадеа и лажеа.
Хартијата не ги брише огромните богатства, вилите, тендерите што се подаруваа и уништените надежи. Албанците ги знаат имињата на тие што им ја стиснаа душата и им ја украдоа иднината. И нема стандард во светот што може да го избрише срамот на една партија што ја претвори корупцијата во систем“, соопшти ВЛЕН.