Македонија
(Видео) Заразените сопружници се вратиле од Италија на 27 февруари, во автобусот со нив имало 40-тина патници
Двајцата новозаразени со коронавирус се вратиле од Италија со автобус во кој имало уште 40-тина патници од Скопје, Куманово и Дебар. Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека сите се идентификувани и откако ќе бидат лоцирани ќе бидат направени интервјуа со нив. Сепак, Филипче вели дека е мал ризикот за второлиниско пренесување на вирусот.
Двајцата новозаразени се од Дебар, брачна двојка, на возраст од 62 и 68 години кои стигнале од северна Италија на 27 февруари.
„Патниците кај кои е утврден вирусот при влез во земјава немале симптоми и за првпат се јавиле на 2 март кај матичен лекар кој не препознал индикации за коронавирус и ги пратил на домашно лекување, а денеска се јавиле во болница во Дебар, каде била поставена индикација“, рече Филипче.
Тие кажале дека откако се вратени имале контакт само со братот на жената. Со него ќе се направи интервју од страна на епидемиолизите за да се утврди дали само тој или и членови на семејството да се стават во изолација. Заболените вечерва ќе бидат пренесени на Инфективната клиника во Скопје. Тие имаат лесна клиничка слика со горна респираторна инфекција.
Филипче кажа дека се најдени имињата на сите патници.
„Најдени се имињата и матичните броеви на сите патници од автобусот и веќе од вечерва и утре патниците откако ќе бидат лоцирани ќе бидат интервјуирани и согласно податоците кои ќе ги дадат и анализа на контакти што тие ги имале ќе бидат преземени соодветни мерки“, рече Филипче.
Министерот кажа дека во најголем ризик се патниците кои седеле три реда зад и пред заболените.
„Многу е мал ризикот за второлиниско пренесување. Ниту ќерката ниту членови на фамилијата ниту сопатници од комбето со кое дојде првата пациентка немаат коронавирус“, рече Филипче.
Тој кажа и дека утре лично ќе разговара со матичниот лекар кој ги пуштил на домашно лекување двајцата заразени и кажа дека тоа е уште една причина да се укаже на важноста за сериозниот пристап кон сите пациенти.
Филипче уште еднаш упати апел до сите државјани кои се враќаат во земјава да даваат точни информации на граничните премини.
Тој информира дека групата туристи од Јапонија и Сингапур веќе се стигнати во земјава, преку преминот Девер Баир, од Романија, и дека сите се здрави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

