Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Потребни се итни мерки и распуст за учениците, Филипче потфрли со коронавирусот

Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ вонредно заседаваше поради, како што велат од партијата, алармантноста на состојбата со ескалирањето на коронавирусот, за што бараат одговорност од министерот Венко Филипче и поднесување оставка.
Според партиската комисија, постојат пропусти во постапувањето на државните органи во справување со вирусот, како и доцна реакција на надлежните во врска со коронавирусот што резултира со вклучување црвен аларм.
„Ситуацијата е загрижувачка дополнително бидејќи дел од медицинскиот персонал е веќе во изолација по денешниот случај со доктор Нина (Цаца) Билјановска, директор на Клиниката за дерматологија, која е носител на вирусот“, се наведува во соопштението.
Поради ваквата ситуација, комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ упатува четири итни предлози до Владата.
„Распуст за децата од предучилишна и училишна возраст. Строго евидентирање на сите лица што влегуваат во државата од кризни зони со коронавирус. Контрола и ограничување на прегледите и интервенциите што не се со итност, со цел да се растовари терциерното здравство. Надлежните институции, Центарот за управување со кризи, Државниот здравствен санитарен инспекторат, Комисијата за заразни болести, да ги спроведуваат доследно своите надлежности и јавно да претстават акциски планови за дејствување“, се четирите предлози што партиската комисија ги предлага до Владата.
Од таму додаваат и дека ВМРО-ДПМНЕ ги става на располагање сите свои капацитети за справување со оваа ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во касарната во Петровец одбележан денот на првата пешадиска бригада

Денес во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, најголемата борбена единица во Армијата, Првата пешадиска бригада (1.пбр) од составот на Kомандата за операции (КО), го одбележа Денот на единицата.
На одбележувањето присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пратеници од Собранието, поранешни команданти на единицата, воените аташеи, претставници на локалната самоуправа и институциите со кои соработува единицата и други гости.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, честитајќи им го Денот на единицата на припадниците на бригадата, истакна дека оваа единица е колевка на слободарските традиции од народноослободителната борба, но и единица чии високи критериуми и стандарди во обуката се посветено и напорно градени низ повеќе трансформации. „Затоа со гордост ќе истакнам дека годинава, кога навршуваме пет години од нашето полноправно членство во НАТО, токму оваа единица беше поле каде се создаваа стандарди, се градеа критериуми за интероперабилност и каде оперативната способност најчесто беше презентирана пред партнерите од Алијансата“, истакна генералот Ѓоргоски.
Командантот на бригадата, бригаден генерал Дејан Чиплаковски потенцираше дека Првата пешадиска бригада е примарниот капацитет при исполнувањето на обврските произлезени од членството во НАТО, дефинирани преку целите на способности. „Нашата посветеност кон НАТО останува непоколеблива и не затоа што тоа е единствениот пат, туку затоа што тоа е вистинскиот пат. Оваа година го одбележуваме јубилејот – пет години од полноправното членство во НАТО. Пет години во кои многу пати досега покажавме дека заедно сме посилни, без разлика дали учествуваме во меѓународни мисии, обуки, вежби или помагаме во справување со последиците од елементарни непогоди“, наведе генералот Чиплаковски.
На одбележувањето беа доделени и НАТО медали на припадниците од составот на 1.пбр, кои беа распоредени во мировни мисии во изминатиот период, стимулативни мерки за припадници на бригадата, а беше прогласена и најдобрата единица во бригадата, признание кое оваа година го доби втората чета од 2. пешадиски баталјон.
Командантот на 1.пбр, генералот Чиплаковски, во знак на одличната соработка и придонесот во градењето на борбената готовност и обученоста на единицата, на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот на Армијата им врачи плакета со лого на единицата.
Македонија
Фетаи-Теителбаум: Белгија останува силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и на нашите напори за интеграција во европското семејство

Заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во Сараево се сретна со белгиската сенаторка Вивијан Теителбаум, членка на Сојузниот советодавен комитет за европски прашања. За време на средбата, тие разговараа за европските перспективи на Западен Балкан и неопходноста од забрзување на овој процес.
Заменик-претседателот на Владата, Фетаи, ја информираше сенаторката Теителбаум за реформите што Северна Македонија ги спроведува во рамките на Агендата за реформи, како дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, со посебен фокус на зајакнувањето на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.
„Белгија останува силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и на нашите напори за интеграција во европското семејство“, истакна Фетаи за време на средбата.
Во име на Владата, тој изрази длабока благодарност до сенаторката Теителбаум за солидарноста што Белгија ја покажа по трагедијата во Кочани, прифаќајќи четворица повредени пациенти на лекување во белгиските болници.
„Овој чин на хуманост и поддршка е доказ за силните врски меѓу нашите две земји“, оцени Фетаи.
Македонија
Синдикатот да не ја злоупотребува ситуацијата во државата, со изливи на агресија се докажува партиската позадина на дел од раководството, велат од Владата

Владата апелира до синдикатот да не ја злоупотребува ситуацијата во државата и да не се обидува да ја извитопери дебатата со нешто кое е еднакво важно како што велат за Владата, а тоа е состојбата на работниците.
„Со обиди за компарации на плати и популистички изливи на агресија само се докажува партиската позадина на дел од раководството на синдикатот. Кога прават компарација на плати, да ги потсетиме дека ние како влада бевме против кога платите на функционерите се зголемуваа, а синдикатот тогаш молчеше за своите партиски миленици од СДСМ и ДУИ. Како што молчеа со години додека СДСМ беше на власт, а државата ја уништуваа, ограбуваа и продаваа. Но тоа е зад нас“, порачуваат од Владата.
Како што истакнуваат, на овој проблем гледаат како на проблем на тешката и сложена социоекономска состојба во државата, а не на персоналните политички амбиции на дел од раководството на синдикатот.
„Нивото на дискусија да ги спуштиме сите платите – за нас не е проблем и да ги спуштиме платите, но на работниците тоа нема да им го реши проблемот. Притоа, да потсетиме дека ова е прва влада која донесе одлука за замрзнување на платите на функционерите. Истовремено, за премиер да има иста плата со претседател на синдикат, треба претседателот на синдикатот да победи на избори на првите наредни парламентарни избори, а пред тоа да има договор да се најде на листите на СДСМ.
Тогаш, ако го изгласа народот, ќе видиме дали така лесно ќе се откажува од платата. Штом е така подготвен коцкарски да се откаже од својата плата, лошо зборува за него и за блеферската природа на неговата личност. Впрочем, само човек што има многу пари со леснотија може да се откаже од пола плата“.
Апелираат да внимава, затоа што, според нив, прави очигледна Фројдова грешка со која покажува дека за него парите не се проблем, зашто преку ноќ, во излив на блеф и партиски мотив, кажува дека е подготвен да се откаже од своите примања.
Од Владата сметаат дека проблемот на работниците може да се реши системски и со вистински пристап.
Оценуваат дека сегашниот пристап на овие луѓе е погубен, и тие играат рулет со нешто кое за нив е обид за политичка кариера и злоупотреба, а според Владата како што нагласуваат тоа е прашање на живот, тоа е животот на работниците.
„Со сила и со ваква очигледна партиска мотивираност и со малициозен и неразумен пристап, ништо нема да постигнат. Зошто молчеа 7 години? Народот тоа го гледа. И прави разлика.
Ние се трудиме и ќе се трудиме да наоѓаме решение за работниците, затоа што тоа е проблем наталожен и на државата и на сите нас. Ние сочувствуваме со тешката состојба и со проблемите на нашиот народ, и од таа наша мисија нема да нè оттргнат партиски мотивирани самонаречени синдикалци кои тераат партиска агенда на партиите СДСМ и ДУИ, против кои збор не зуцнаа цели 7 години и соработуваа со нив, уживајќи во благодетите на синдикалниот живот“, велат од Владата.