Македонија
Владата забрани користење на базените како превенција од коронавирусот
Владата донесе забрана за посетување на сите пливачки базени во државава во период од 14 дена, како превенција од ширењето на коронавирусот.
„Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница, покрај усвоените заклучоци, мерки и препораки во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирус, донесе уште еден, дополнителен заклучок со кој се забранува користење пливачки базени од секаков тип на територијата на Република Северна Македонија, за период од 14 дена“, соопштија од Владата.
Во продолжение сите усвоени мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот на Владата по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство:
1. Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на коронавирусот.
2. Да се прекине со воспитно-образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високообразовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми, како што се курсеви за странски јазици и слично.
3. За спроведување на оваа мерка еден од родителите на деца до 10 години, кои ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе биде ослободен и од обврската да ги извршува работните обврски.
4. Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.
5. Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија во наредните 30 дена.
6. Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните држави во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).
7. Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола што ја издава Министерство за здравство.
8. Да се препорача на возрасните и високоризичните категории граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.
9. Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.
10. Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.
11. Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
12. Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец што ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.
13. Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високоризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.
14. Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.
15. Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски мерки.
16. Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (неодење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.
17. Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.
18. Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет-комуникацијата.
19. Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Секој живот е приказна: Mozzart верна поддршка на кампањата за ретки болести
Февруари е месецот на ретките болести – месец во кој се потсетуваме дека секој живот е вреден и секоја приказна заслужува да биде слушната.
Годинава, кампањата „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се реализира по осми пат. И повторно, зад неа стои поддршката на компанијата Mozzart, која со својата општествена одговорност покажува дека добрината не е ретка – туку секогаш присутна кога е најпотребна.

Претседателката на Здружението, Гордана Лолеска истакна: Вистинското партнерство се мери со годините на лојалност и подготвеноста да се подаде рака таму каде што е најпотребно. Упатуваме огромна благодарност до компанијата Mozzart што препознаа вредност во нашата кауза и што продолжуваат да бидат нашиот ветар во грб. Заедно, го правиме светот малку подобро место за оние на кои поддршката им е најнеопходна. Ви благодариме што не ги заборавате ретките“.

Првиот Ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, на 29 февруари – ден кој сам по себе е редок. Од тогаш, секоја година на последниот ден од февруари светот се обединува во поддршка и солидарност.
„Трета година сме со Здружението “Ретко е да си редок” и со кампањата “Запознајте ги ретките болести”. Успешната соработка, со радост ја продолжуваме и оваа година. Заедно ќе придонесеме да се слушне гласот на лицата со ретки болести и да се запознаат нивните приказни,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.

Она што навистина не е ретко – се добрите дела. Mozzart, препознатлив како компанија со најголема општествена одговорност, повторно ја докажува својата мисија: да подава рака, да помага и да биде таму каде што поддршката е најпотребна.
ПР
Македонија
Eвроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за безбедноста на Европа, рече Давкова на средбата со претседателот на Естонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.
На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.
Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.
Македонија
Седум странци фатени при обид за илегален излез кај Богородица
Утрово околу 2 часот, во близина на Граничниот премин Богородица, полициски службеници привеле седум странски државјани кои се обиделе нелегално да ја напуштат Македонија.
Според информациите од МВР, станува збор за пет државјани на Пакистан и двајца од Индија. При извршените проверки било утврдено дека сите седум лица претходно влегле легално во државата преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Тие се приведени и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава против нив.

