Економија
ФИТР: 66 домашни компании во финална селекција за проекти за технолошки развој
Шеесет и шест домашни компании од 74 кои аплицирале продолжуваат во фазата на финална селекција на јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој на ФИТР по редовна постапка. Вкупниот обем на инвестиции кај овие проекти е над 11.7 милиони евра. Компаниите од Фондот побаруваат 3,5 милиони евра максимален износ, а се подготвени да вложат повеќе од 8 милиони свои средства. Побаруваните средства се 16% над вкупниот буџет наменет за овој повик кој во рамките на редовната постапка изнесува 3 милиони евра. Со овој повик Владата обезбедува до 30%, додека останатите 70 % се влог на компаниите.
Овој повик е наменет за финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“), а целта е воведување нови технологии во работењето со што се зголемува конурентноста на домашните компании.
Компаниите кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој се од 15 области и тоа доминантно во секторот здравство и медицина, како и градежништво, трговија и продажба, маркетинг, образование и земјоделие.
Најголем дел од нив се мали (41) и микро (16) претпријатија, додека останатите се средни (9). Овие компании се од 16 града, од кои во најголем дел од Скопје, Струмица, Прилеп, Битола, Тетово и Неготино.
Проектите на овие компании, кои ја поминаа фазата на претселекција, ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти, а сите се оценуваат согласно дефинираните критериуми: технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот.
И овие компании ќе можат да ја искористат новововедената можност според која предлог-проектите за кои Комитетот ќе смета дека сè уште не се подготвени за финансирање ќе имаат можност да одговорат на доставените коментари и препораки. За оние кои ќе ја искористат таа можност Комитетот повторно ќе ги разгледа нивните аргументи по што ќе донесе конечна одлука. Целта на оваа двонасочна комуникација е подобрување на комуникацијата со апликантите, транспарентност и подобрени услуги.
Согласно претходните известувања, Комитетот ќе ги разгледа и евалуира проектите, но конечна одлука ќе биде донесена по завршување на изборниот процес, кога ќе се објават и резултатите.
Инаку, во рамките на овој повик по редовна постапка беа пријавени 74 предлог-проекти, од кои дел отпаднаа во фазата на административна постапка, а дел во фазата на претселекција. Повикот беше отворен од 13 декември 2019, а поради големиот интерес и на барање на домашните компании, рокот за аплицирање по редовна постапка беше продолжен до 10 февруари 2020 година, се вели во соопштението на Фондот за иновации и технолошки развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.