Македонија
Димитров и Филипче на брифинг со дипломатите во земјата за коронавирусот

Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа брифинг со претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва и мисиите на меѓународните организации акредитирани во и за Република Северна Македонија на кој беа разменети информации за состојбата со коронавирусот.
Брифингот заеднички го водеа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и министерот за здравство, Венко Филипче, осврнувајќи се на превентивните мерки во согласност со насоките и препораките на Владата на Република Северна Македонија во врска со коронавирусот.
Димитров ги информира странските претставници во земјата за одлуките донесени од Владата, кои важат и за странските државјани кои имаат постојан или привремен престој во Северна Македонија, како и оние што планираат патување во земјата во наредниот период.
„Ваквите предизвици, кои не познаваат граници, бараат колективен одговор, покрај нужната размена на информации, искуства и ескпертиза. Kоординираната акција како одговор на глобалната закана од овој вирус ја наметнува и потребата од уште поблиска комуникација меѓу владите на сите земји. Клучниот елемент во тоа заедништво треба да се солидарноста и меѓудржавната соработка, да не ги ставаме и нив во самоизолација. Напротив, помагајќи им на другите, во случајот си помагаме и себеси“, рече Димитров.
Министерот за здравство детаљно брифира за последната состојба во земјата во контекст на заболените од Ковид-19 и нивното лекување, како и за начинот и капацитетите за справување на здравствениот систем.
„Во постојана комуникација и консултација сме со СЗО и во континуитет преземаме мерки за заштита од коронавирусот. Сите капацитети со кои располагаме се ставени на располагање и одлично функционира системот за превенција и контрола за спречување непосакувано ширење на коронавирусот. Имајќи предвид дека досега беа преземени сите превентивни мерки од Комисијата за заразни болести, домашните експерти, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг, од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, како и на Институтот за јавно здравје – можеме слободно да информираме дека вродија со плод и во целост се реализираат сите досегашни мерки, а за одличното справување со оваа ситуација добивме потврда и лично од д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, кој беше во државата пред неколку дена“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло низ целата земја, температури до 27 степени

По нестабилностите од претходните денови, денес ќе има стабилизација на времето во целата држава. Ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, што нема значително да влијае на пријатниот временски амбиент.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, што дополнително ќе придонесе за благи и пријатни температури низ земјава. Временските услови ќе бидат погодни за активности на отворено, прошетки и патувања.
Минималните утрински температури ќе изнесуваат од 5 до 11 степени Целзиусови, а максималните дневни температури ќе се движат од 19 до 27 степени Целзиусови.
И во главниот град не очекува сончев и топол ден, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а температурите ќе бидат идеални за викенд-излети и дружења на отворено. Во Скопје минималата утринска температура ќе изнесува 8 степени Целзиусови, додека максималната дневна температура ќе достигне до 27 степени Целзиусови.
Македонија
Родителите на децата загинати во пожарот во Кочани: Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца

Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца, кои се убиени, ви даде право да ослободите лица кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца, прашаа родителите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред почетокот на денешниот трет протестен марш „Задоцнета реакција“ што се одржа во Кочани.
Точно во 12 часот и 5 минути учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар и кон општинската зграда, а оттаму кон полициската станица, Судот и Обвинителството во Кочани.
Нѐ прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома, вели Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.
Вели дека протестите ќе продолжат се додека не биде задоволена правдата.
– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, рече Златкова.
Пред општинската зграда родителите порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспекциски служби, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски им даде целосна поддршка истакнувајќи дека нема да бидат осамени во барањето правда, затоа што, како што рече, сите заеднички треба да го променат системот што е нефункционален.
На собирот пред Полициската станица семејствата на настраданите прашаа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.
Тагата и револтот, родителите на загинатите во трагичниот пожар ги искажаа и пред Судот и Обвинителството, секој одделно споменувајќи го името на своето дете и плановите што ги имале за во иднина.
Протестниот марш заврши во Паркот на револуцијата, а присутните најавија дека ќе се одржува секоја сабота сѐ додека не ја добијат бараната правда за своите најблиски.
Македонија
МВР и СВР Охрид ги преземаат сите потребни предуслови за сите туристи во претстојната сезона да уживаат во својот одмор

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на СВР Охрид и Полициската станица за граничен премин „Св. Апостол Павле“ на која се наоѓа Аеродромот во Охрид.
Како што информираат од МВР, Тошковски од посетата констатирал дека има зголемување на патниците на овој граничен премин, како и на сите гранични премини во рамки на Регионалниот центар – Запад.
За разлика од лани, има за околу 20 проценти зголемен број на патници на граничниот премин на Аеродромот, а за околу 30 проценти на граничниот премин „Блато“ кај Дебар.
Се фокусираме на зголемување на техничките услови и човечките капацитети со кои ќе можеме соодветно да одговориме на овој зголемен број на патници коишто го имаме во овој временски период. Добро е што имаме зголемена размена на туристи и сакаме тој број контактно да расте, што повеќе туристи да ги видат убавините на Охрид и Македонија, потенцирал Тошковски.
Нагласил дека МВР и СВР Охрид ги преземаат сите потребни предуслови за сите туристи во претстојната сезона да бидат безбедни и да уживаат во својот одмор, како во рамки на СВР Охрид, така и на територија на целата држава.