Вести
Spiegel: НАТО сака да ја обнови ’жешката линија’ со Русија

НАТО сака да воспостави постојано активна „жешка линија“ на комуникации со Русија, пишува во саботата германскиот неделник Der Spiegel.
Во написот се потсетува дека во февруари 2013 година започнало спроведувањето на оваа идеја, но по избувнувањето на украинската криза врска престанала да биде активна. Според своите сознанија, Der Spiegel пишува дека во почетокот на декември 2014 година прашањето за обновувањето на функционирањето на споменатата линија го покренал германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, на средбата со колегите од земјите членки на алијансата. „НАТО и Руската Федерација мора да имаат можност да стапат во контакт брзо и директно“, ја цитира неделникот тогашната изјава на шефот на германската дипломатија.
„Водството на НАТО има сличен став. По средбата на министрите за надворешни работи, генералниот секретар Јенс Столтенберг дал налог да се врати постојаната врска со руската страна“, истакнува Der Spiegel. Според весникот, „помалку конструктивна“ позиција пројавиле Канада, Полска, Латвија, Литванија и Естонија.
Неделникот, исто така, го пренесува и мислењето на портпаролката на Северноатлантската алијанса, Оана Лунгеску за неопходноста од „регулираната комуникација меѓу НАТО и руските воени структури“.
Der Spiegel ја споредува оваа „жешка линија“ на линија Вашингтон – Москва, којашто беше воспоставена во 1963 година по Карипската криза, односно кога тогашниот Советски сојуз инсталираше ракетни системи на Куба во период кога се закануваше американска инвазија врз комунистичката островска земја. Во текот на ткн Студена војна таа беше користена за комуникација меѓу САД и СССР во итни случаи.
Првично комуникацијата по споменатата линија, којашто исто така беше наречена „црвен телефон“, се одржувала со помош на телетајп. Во 1971 година по воениот конфликт меѓу Индија и Пакистан, „линијата“ била усовршена, односно одела преку каналите на сателитските врски преку американскиот систем „Intelsat“ и советскиот „Молња-2“.
Во 1985 година „жешката линија“ е повторно модернизирана, и на неа е надграден канал за факсимилна врска. Во 1991 година, Белата куќа и Кремљ воспоставија директна телефонска линија, којашто започнаа да ја користат претседателите ЏорЏ Буш постариот и Борис Елцин./крај/мф/сн
Извор: Der Spiegel
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.