Македонија
Пендаровски: Нема да пропадне светот ако изборите се одложат за месец или два

Претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција изрази резерви во однос на одржувањето на изборите на 12 април, од неколку причини. Пред сè, тој го наведе моментот дека не сите граѓани имаат социјални мрежи за да ги следат кампањите на партиите, а како втор момент тој го наведе и самиот чин на организација на изборите, на денот на самото гласање.
„Мое размислување е дека во државата можеме да направиме кампања на социјалните мрежи, но знаете дека имаме категорија граѓани кои немаат пристап до социјалните мрежи, а основниот принцип на ОДИХР и меѓународните институции е граѓаните да да бидат добро и сеопфатно информирани пред да гласаат на изборите. Мојата проценка е дека може да се оди со таква кампања, но јас имам голема резерва за самиот ден на изборите“, рече тој, додавајќи дека нема да пропадне светот ако изборите се одложат за месец или два.
Тој додаде дека во светот досега немало случај да се организираат избори во ваква ситуација.
„Има мал исклучок на 2 март во Израел, каде имаше парламентарни избори и за првпат во историјата имаше гласачки места за луѓе кои веќе беа инфицирани од вирусот. Треба да ги видите тие гласачки места, со медицински тимови, за мала бројка на луѓе…. Имаше и во САД, но имаше проблем како да се организира пристап до тие гласачки места. Во САД постои варијанта да се гласа по пошта, но малку луѓе ја користат таа можност. Мислам дека во наредниве 5-10 дена повторно треbа да се навратиме на ова прашање, бидејќи сепак најважно е здравјето на граѓаните“, вели Пендаровски.
Тој вели дека е неважно што во земјава има мала бројка на заразени со коронавирусот, туку поважно е размислувањето на луѓето кои ќе се плашат да излезат на гласање, особено што изборите се одржуваат на затворени места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.