Македонија
Мицкоски: Да се прогласи кризна состојба и да се воведат антикризни мерки за бизнисот
Она што страда е здравјето на граѓаните, но и еден значаен сегмент од стопанството, рече на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додаде дека во екот на кронавирусот здравјето е пред сè и нема цена, но мора да се поведе сметка и за македонската економија.
Како што кажа тој, забележани се низа пропусти, недоследности и неподготвеност на владините структури и надлежните институции во справувањето со последиците од коронавирусот, но истакна и дека нема да навлегува во детали само за политички поени.
Според Мицкоски, она што е неопходно и нужно во периодов е носење сет антикризни мерки. Така, ВМРО-ДПМНЕ и предлага на владата веднаш да прогласи кризна состојба на цела територија на државата.
„Тоа значи дека предлагаме Владата веднаш да донесе одлука за постоење кризна состојба соодветно на што ќе ги активира сите законски механизми за разрешување на кризната состојба“, појасни партискиот лидер.
Покрај ова, паритјата предлага и конкретни мерки за заштита на здравјето:
– Итна национална набавка на антисептични средства и нивно поставување на јавни прометни места, како и овозможување на бесплатна употреба и располагање од граѓаните;
– Државата, односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните;
– Формирање стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други превентивни помагала;
„За ова имаме конкретни докази за една веледрогерија блиска до власта, за која доколку институциите не реагираат доказите за нереално високи цени и наплаќање излезни фактури за маски 40 пати повисоки од влезните ќе ги објавиме во јавност“, порача Мицкоски.
Како четврта мерка, неговата партија предлага обезбедување бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од коронавирус:
„Освен здравствените работници, под ризик се и работниците на градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници и редица други професии чијашто работа подразбира контакт со лица“, појасни Мицкоски.
Како петта мерка, партијата предлага редуцирање на работата на државната администрација, односно половина од администрацијата да се ослободи од работа и да се направи цикличен распоред во работата на државните органи;
Следната предлог-мерка е удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од вирусот;
– Oвозможување на отворена 24-часoвна линија за консултации и прашања поврзани со вирусот;
– Формирање посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки;
– Eднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот;
Покрај ова, Мицкоски за овој месец предложи и сет антикризни мерки за бизнисот и санирање на последиците и штетите од смалениот промет и намалената работка на стопанството:
– Замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чијашто работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот;
– Замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чијашто работа е погодена со состојбата на коронавирусот;
– Државата, односно владата да преземе обврска месецов да ги сторнира и плати каматите на граѓаните и стопанството кон банките и заемодавателите;
– Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со коронавирусот до висина од 50 проценти;
„Тоа се секторите коишто се најмногу погодени како што е туризмот, како што е угостителството, како што се текстилната индустрија, кожарската индустрија и останатите сектори“, појасни Мицкоски.
Како последна мерка, тој предлага да се направи анализа на сето она коешто е погодено од новостанатата ситуација со коронавирусот и врз основа на таа анализа да се детектираат кои се економските оператори, компаниите коишто се погодени и веднаш на истите да им се помогне.
„Ова е подадена рака за помош. ВМРО-ДПМНЕ ја нуди целокупната поддршка и експертска помош преку тимот на доктори кои се дел од нашата комисија за здравство и знаење од областа на економијата за справување на последиците од коронавирусот“, кажа партискиот лидер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

