Македонија
ЈП Водовод и канализација нема да ги чита водомерите и нема да исклучува

ЈП Водовод и канализација – Скопје, согласно новонастаната ситуација со коронавирусот во нашата земјакако и повикот на Регулаторната комисија за енергетика, известува дека во овој период, сè додека се во важност препораките и забраните на Владата и Министерството за здравство, а се однесуваат на спречување на ширење на коронавирусот, нема да ги исклучува корисниците на услугите на претпријатието кои имаат неплатени долгови.
Во истиот овој период, инкасаторите, за читање на состојбата на водомерите, нема да влегуваат во објектите во кои водомерите се поставени внатре.
Корисниците за секоја потребна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје да се обратат на:
– 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар;
– 02 3240 300, Дирекција
– [email protected]
– https://vodovod-skopje.com.mk/
– https://www.facebook.com/jpvodovod.skopje/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Положено свежо цвеќе пред споменикот на Васил Стојанов-Аџиларски

По повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, во населеното место Миладиновци се одржа пригоден настан со кој достоинствено беше одбележан овој значаен историски датум. Со положување свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, присутните изразија почит кон неговата херојска борба за слободна татковина, извести општина Илинден.
Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и бројни граѓани.
Васил Стојанов-Аџаларски е роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци. Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година.
Во рамки на свеченото одбележување, во Домот на културата во Миладиновци се одржа и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“. На турнирот учествуваа 18 шахисти поделени во две групи, а натпреварувањето се одвиваше според ФИДЕ правилата за забрзан шах со темпо од 10 минути по играч.
Покровител на настанот беше градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на крајот на турнирот им додели пригодни награди и плакети на најдобрите учесници, при што истакна дека ваквите активности претставуваат важен дел од заложбата на Општината за активно вклучување на повозрасните генерации во јавниот живот, но и за негување на традицијата и сеќавањето на историските вредности. Првото место го освои Сурловски Душан, второ место го освои Стефановски Христијан, трето место го освои Спасовски Миле и четврто место освои Мицевски Диме, се вели во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Јас сметам дека и во првиот круг Левица имаше поддршка од ДУИ, а коалицијата со СДСМ e веќе jавна, вели Ѓорѓиевски

Кандидаттот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, смета дека неговиот противкандидат во вториот круг, Амар Мециновиќ од партијата Левица, и во првиот круг имал поддршка од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а со повикот за поддршка до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нивната коалиција станала јавна.
„Ако во минатото ние говоревме за тие состојби, а некој ги негираше, мислам дека особено после она што се случи вчера повикот на Левица поради иста идеолошка платформа или исти погледи да ги поддржеле гласачите на СДСМ, веќе е јавна таа коалиција и треба да се земе предвид и добро да се анализираат резултатите да видиме во кои делови Левица има добиено поддршка. Јас сметам дека и во првиот круг Левица имаше поддршка од Демократската унија за интеграција, но мој фокус ќе биде да ја добијам поддршката од сите скопјани“ рече Ѓорѓиевски.
Кажа дека не се занимава со партиски интриги како што тоа го прават други ниту пак со црна кампања оти смета дека има сериозна кампања што ја нуди на граѓаните и кредибилитет од сработеното изминатите четири години.
„Нашиот народ е многу мудар. Колку и некој да прави калкулации, внатрепартиски игри, собири и да се обидува да прегрупира гласови, убеден сум во победа која ќе ги декласира на овие избори. Сите на куп кои и да се“, вели Ѓорѓиевски.
Заедно со новите советници во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ Ѓорѓиевски извести дека денес ќе напрват стратегија за решавање на најгорливите прашања што ќе им бидат во фокус до Нова година откога тој ќе биде избран за градоначалник. Прв чекор рече дека ќе им биде ребаланс на буџетот, а потоа најави дека ќе се потрудат да го избришат се она што во изминатите четири и повеќе години било грда слика.

Димитровски вети мнозинство кое ќе гарантира транспарентно работење и одгворно трошење на народните пари
Даме Димитровиски, носителот на листа за советници од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата кои имаат мнозинство во Советот, рече дека вратата за соработка со сите советници во Советот ќе биде отворена. Најави дека мнозинството ќе се базира на девет темелни политики кои се веќе поставени, а тоа се намалување на загадувањето на воздухот, систем за современо управување со отпад, брз и доверлив систем за јавен транспорт во градот, јавни простори за скопјани, велосипедизам и други алтернативни начини на превоз за скопјани, безбеден сообраќај за најмалите во Скопје, Скопје град на културата, Скопје центар на наука и технолошки развој на Балканот, и најважно, отворен Совет, транспарентност и одговорно управување со буџетот на Градот.
Димитровски вети мнозинство кое ќе гарантира транспарентно работење и одговорно трошење на народните пари.
Орце Ѓорѓиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои 91.663 гласа, Амар Мециновиќ од Левица освои 30.665 гласови, Башким Бакиу од „Вреди“ доби 27.898 гласови, Каја Шукова од СДСМ освои 27.737 гласа, Скендер Реџепи од партијата Народно движење која беше дел од коалицијата Национална алијанса за интеграција предводена од ДУИ освои 26.114 гласови, а сите останати кандидати заедно освоија 17.145 гласа.
Вториот круг на локалните избори во кои ќе се избере градоначалник на Скопје и на општините во ко не беа избрани градоначалници во првиот круг, ќе биде на 2 ноември.
Македонија
Берлински процес во Лондон: средба на Муртезани со британскиот министер за Европа, Доти

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Лондон, оствари билатерална средба со државниот министер за Европа, Северна Америка и прекуморските територии на Обединетото Кралство, Стивен Доти, на маргините на Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес. Средбата претставуваше можност за потврдување на континуираната поддршка што Обединетото Кралство ѝ ја пружа на Северна Македонија во процесот на европската интеграција, како и за продлабочување на соработката во рамките на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Министрите Муртезани и Доти разменија мислења за најактуелните политички случувања во регионот на Западен Балкан и за значењето на Берлинскиот процес како клучна политичка и развојна рамка која повеќе од една деценија придонесува за зајакнување на регионалната соработка, економската поврзаност и усогласувањето со европските стандарди. Министерот Муртезани ја потенцираше важноста на оваа иницијатива како механизам кој овозможува конкретни проекти во областа на инфраструктурата, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната поврзаност и социјалната кохезија, нагласувајќи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на целите на Берлинскиот процес и на европската иднина на целиот регион.
Посебен акцент на разговорот беше ставен на билатералната развојна соработка, која претставува еден од најзначајните столбови на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Министерот Муртезани се заблагодари за континуираната британска поддршка, која во изминатата деценија резултираше со спроведување на над 160 проекти финансирани од британскиот буџет во различни области: од добро владеење, јавна администрација, и владеење на правото, до промоција на мултикултурализмот и инклузијата. Истовремено беше истакната и успешната соработка во рамките на TWINNING проектите со британски партнери во областа на полициските реформи, контролата на државната помош и зајакнувањето на институционалните капацитети за еднаквост и правична застапеност. Министерот посочи дека британската поддршка во кризни периоди, како за време на мигрантската криза и пандемијата со COVID-19, е доказ за трајното пријателство и партнерство меѓу двете земји.
Државниот министер Доти ја реафирмираше посветеноста на Обединетото Кралство на стабилноста, развојот и европската перспектива на Северна Македонија и поширокиот регион, истакнувајќи дека и по напуштањето на Унијата, ОК останува силен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. Во тој контекст, тој ја поздрави динамиката на реформските процеси во земјата и ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на партнерството, особено во областа на инфраструктурата, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Муртезани и Доти констатираа дека воспоставеното стратешко партнерство претставува ново поглавје во билатералните односи, кое ќе овозможи понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, заедничките проекти и координираните активности во рамките на НАТО, Берлинскиот процес и европските интегративни иницијативи.